1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Дербито за Баерн, Волфсбург не го препушта врвот; германскиот врвен спорт се престројува

Поранешниот првак Баерн победник во дуелот со актуелниот носител на двојната круна од првенството и купот на Германија Вердер. Херта конечно ја забележа првата победа во новиот шампионат. Еден златен и два сребрени медала за германските претставници на светското првенство во велосипедизам. Националниот олимписки комитет и Сојузот на спортовите ќе се претопат во една организација.

Од дерби средбата Вердер - Баерн

Од дерби средбата Вердер - Баерн

Стариот првак подобар од новиот: дербито на 7-то коло на Бундеслигата му припадна на Баерн кој среде Бремен го победи Вердер со 2 спрема 1. Со головите на Балак и Швајнштајгер гостинот од Минхен оствари водство во 2 спрема 0, Клозе на 10 минути пред крајот само успеа да ја загрози победата на Баерн. Натпреварот беше груб и судијата покажа 7 жолти картони. Балак во еден дуел со удар со лактот му го скрши носот на новопечениот репрезентативец Франк Фаренхорст, но остана неказнет. “Така а кога меѓусебе играт две врвни екипи, јасно е дека ќе биде нервозно. Но, мислам дека нервозата не ги надмина дозволените рамки” – оцени менаџерот на Баерн Ули Хенес. Противниците си ги заменија местата на табелата: Баварците се искачија на третото, а Вердер и покрај третиот пораз во 7 првенствени дуели и натаму добро котира како 4-топласиран.

Челната позиција успешно ја брани аутсајдерот Волфсбург, иако со тешка мака дојде до победата од 2 спрема 1 против Борусија Менхенгладбах. “Гостите од Гладбах беа подобар тим, прикажаа подобар фудбал. Тоа што ние победивме, зборува за борбениот дух на мојата екипа” – изјави Белгиецот Ерик Герец, тренер на Волфсбург, по веќе шестата победа во првенството.

Арминија од Билефелд, по две последовни победи на гости, е совладана дома - Штутгарт со победата од 2 спрема 0 остана на второто место на табелата.

И новиот лигаш Мајнц добро се држи: во Фрајбург победи со 2 спрема 1 со гол постигнат во последната минута и и натаму е петтопласиран. Фрајбург уште е без победа како домаќин.

Ханза, пак, нема освоено ни бод на домашен терен. Хановер во ова коло на гостинските екипи (кои забележаа дури 6 победи!) славеше успех од 3 спрема 1 и во Росток веќе почнуваат да се шират гласини околу опстанокот на тренерот Јури Шлинц. “Играта ми е позната веќе со години. Досега можев да ја следам, а сега директно ме погодува. Тоа си е така – кога нема да се освои ни бод, се всадува немир” – вели Шлинц.

Во слична атмосфера работи и Клаус Топмелер, чиј тим Хамбургер е поразен од Баер во Леверкузен со 3 спрема 0. И покрај петтиот пораз во 7-те одиграни средби, Топмелер верува дека и натаму ја има довербата на раководството на клубот: “До денеска имав поддршка и сметам дека така ќе биде и во иднина”.

Првата победа на Херта во шампионатот – 2 спрема 0 на гости во Кајзерслаутерн - му го обезбеди работното место на тренерот Фалко Гец, но го става под притисок Австриецот Курт Јара. Тренерот на поразениот тим беше лут по средбата: “Тоа беше апсолутна катастрофа од првата до последната минута. Ние не ги прифативме дуелите, не одработивме ништо во одбраната, не прикажавме ништо во нападот. Незадоволството на навивачите денеска е апсолутно оправдано” – рече Јара.

Шалке, предводен од новиот тренер Ралф Рангник, во возбудлив натпревар го победи Бохум со 3 спрема 2, иако веќе по првите 45 минути имаше водство од 3 спрема 0. Бохум не успеа да оствари целосен пресврт, и покрај тоа што во поаследните 10 минути имаше и играч повеќе по едно спорно исклучување на противнички фудбалер.

Во дуелот во Дортмунд меѓу Борусија и Нирнебрг во главна улога актерите од Чешка и Словачка: прво словачките репрезентативци Минтал и Витек ги доведоа гостите во водство од 2 спрема нула, а потоа чешкиот интернационалец Јан Колер со два гола ја анулира предноста. Борусија со нерешениот резултат остана и натаму без победа дома. Но, многу поголема грижа на клубот му предизвикува финансискиот дефицит: само минатата година биле направени загуби од околу 60 милиони евра, најголеми што кога и да е ги направил некој тим од Бундеслигата. Борусија е организирана како акционерско друштво. Аналитичарот на пазарот на акции Петер-Тило Хаслер укажува: “Мислам дека Борусија веќе нема можност да си поставува какви и да е спортски цели, туку мора да се концентрира исклучиво врз финансиските”.

Од фудбалот уште неколку информации:

-В сабота германската репрезентација му гостува на Иран. За таа пријателска средба селекторот Јирген Клинсман повика двајца дебитанти – Томас Хицлспергер од англискиот прволигаш Астон Вила, и Пер Мертезакер од Хановер. Во тимот, како што беше и најавено, нема да биде голманот Оливер Кан, туку шанса ќе добијат Јенс Леман од Арсенал и Тимо Хилдебранд, кој го чува голот на Штутгарт. Ќе ги нема ни повредените Курањи, Фаренхорст и Фридрих, а не е повикан ни Бауман. По повредата на Фаренхосрт дополнително шанса доби Кристијан Вернс, иако првично не беше предвиден за настап. Последен дуел Германија и Иран имаа на светското првенство во Франција пред 6 години, кога Германија победи со 2 спрема нула со головите на сегашното раководство на репрезентацијата - селекторот Клинсман и менаџерот Бирхоф.

-Деновиве беше претставен официјалниот постер за светското првенство во 2006-та година: фудбалска топка како соѕвездие на ноќно небо. Тој предлог и уште 4 други се селектирани од стручно жири од околу 900 понудени трудови, а конечниот избор го извршија граѓаните со телефонско гласање.

-Менаџерот на Баерн Ули Хенес во разговор за он-лајн редакцијата на кинески јазик на Дојче Веле навести дека неговиот клуб е во потрага по играч од Кина кој би бил способен да се избори за место во тимот. Клупски претставници за таа цел го следеле Купот на Азија што годинава се одржа во Кина. Покрај тоа, Баерн наредната година би требало да ја реализира уште во 2002-ра година планираната, но поради избивањето на болеста сарс одложената посета на Кина. Договорени биле натпревари во Пекинг и Шангај.

За другите спортски настани:

-Јудит Арент, која на олимпијадата во Атина го освои сребрениот медал, на светското првенство во велосипедизам – друмско возење во Верона - Италија, прво освои сребро во возење на хронометар, а потоа се закити и со златен трофеј во друмската тррка. Успехот ќе придонесе за поголемо внимание во јавноста, смета Арнет: “Ова е голем ден за германскиот женски веслосипедски спорт и се надевам дека тоа ќе донесе малку поголемо внимение во јавноста, која не не’ удостојува колку што сме заслужиле”.

Ерик Цабел во машка конкуренција го освои сребрениот медал – во спринтот на друмската трка побрз од него беше само Шпанецот Оскар Фреире, а кого ова беше веќе трета титула светски првак.

“Резултатот, сребрениот медал, секако е резултат на целиот тим. Тоа навистина беше тимско остварување, оти на крајот во челната група беа уште четворица германски возачи. Срдечна благодарност на момците” – не заборави на фер-плејот Ерик Цабел.

Германскиот врвен спорт се престројува

Националниот олиписки комитет и Сојузот на спортовите ќе се претопат во една организација која ќе ги оптимира подготовките на германските спортисти за што поуспешни настапи на меѓународната сцена. Ова е консеквенција од слабиот резултат на германските олимпијци во Атина. “Отсекогаш сакав да разговараме за нови структури во германскиот спорт, но јасно ставив на знаење дека не сакам да бидам жртва на непријателско преземање. Тоа недвосмислено го расчистивме и сега ќе се започне со конструктивни разговори“, рече претседателот на германскиот олимписки комитет Клаус Штајнбах. Фузијата во една организација треба да биде изведена до средината на 2006-та година.

Сојузното раководство за врвен спорт излезе со нов концепт за “помалку туристи, а повеќе медали” од олимпијадите. Ова уследи по 7-часовната анализа на остварувањата од Атина. Кога денес би се номинирала екипата за Атина, би била повеќе од преполовена – сликовите ги опиша заострените критериуми Улрих Фелдхоф, потпретседател на Германскиот сојуз на спортовите задолжен за врвниот спорт. Во иднина посебна поддршка треба да добијат тимовите со изгледи за освојување медал во екипните спортови, како и натпреварувачите во базичните спортови – гимнастиката, атлетиката и пливањето. Бројот на сојузни спортски бази би се намалил од 200 на 170, но би се формирале 20 до 30 бази за млади таленти. Новиот концепт мора да добие поддршка и од германскиот парламент.