1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ден на жалост - Македонија ќе се прости од претседателот Глигоров

Денеска ќе биде погребан Киро Глигоров, првиот претседател на независна Република Македонија. Претходно комеморативни седници ќе се оддржат во македонскиот парламент и во седиштето на СДСМ.

default

Почина првиот македонски претседател Киро Глигоров

Завчеравечер во својот дом на Водно, во сон, тивко замина првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров. Беше признат правник и економист, почитуван политичар и државник, а кај огромен дел од населението во Македонија Глигоров беше татко на нацијата, во вистинското знаење на сентенцата. Неговите најблиски политички соработници од првите години на независноста оценуваат дека тој беше синонимот на новата суверена и независна македонска држава, на општонационалната волја за своја држава.

За смртта на Глигоров јавија сите светски медиуми

Погребот на Глигоров, на негово лично барање и барање на семејството, ќе се оддржи денеска (03.01.12) во Алејата на великаните на градските гробишта во Скопје, во присуство на потесното семејство.

Веста за смртта на првиот претседател на независна и суверена Република Македонија ја пренесоа сите светски медиуми, во кои покрај пригодните зборови за неговиот исклучително богат животен, работен и политички хабитус, се оценува дека регионот загуби ценет политичар и државник. Неговиот колега и пријател, поранешниот претседател на Словенија, Милан Кучан, оцени дека замина една од најзначајните фигури на екс-Југославија.

Клучна улога во осамостојувањето на Македонија

Глигоров, тоа сите го признаваат, ја одигра најважната улога во осамостојувањето на Македонија, ги изведе тешките и мачни преговори со, во тоа време, воинствената ЈНА, ја изведе Македонија на меѓународната сцена, ја внесе во Обединетите нации и други меѓународни организации. Мудар, рационален,

Kiro Gligorov

Киро Глигоров во Собранието во Скопје

прагматичен, настојчив, тивок, се само дел од епитетите со кои беше опишувано неговото дело.

„Изјавувам дека функцијата претседатол на Република Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно, ќе се придржувам на Уставот и законите и ќе се борам за суверенитетот и интегритетот на Република Македонија“, изјави претседaтелот Глигоров при давањето свечена изјава во македонскиот парламент во 1991 година како прв претседател на самостојна и суверена Македонија.

Граѓаните со пиетет зборуваат за првиот претседател

Од Стар конак во Штип, каде се родил на 3 мај 1917, преку Скопје и Белград, за повторно да се врати во Скопје, Киро Глигоров прерасна во синоним на нова, демократска и плурална Македонија и мудриот политичар што ја одигра најважната улога во Република Македонија во времето на осамостојувањето, кога колку што имаше проблеми со опкружувањето и непризнавањето на новата државна творба, уште толку, ако не и повеќе, проблеми имаше на домашната политичка сцена во

Kiro Gligorov

Киро Глигоров по референдумот за независноста

обидот да ги доближи дијаметрално различните погледи за внатрешното уредување меѓу политичките партии и етникумите.

„Дозволете вечерва да Ви честитам на сите Вам и на граѓаните на Македонија слободна, суверена и самостојна Македонија“ изјави Глигоров од свечената бина од прославата на референдумот за самостојност на 8 септемрви 1991 година.

Претседателот Ѓорѓе Иванов изјави дека Глигоров доживеа да ја види Македонија како стабилна и напредна држава. Премиерот Никола Груевски порача дека делата на Глигоров ќе останат запишани во македонската историја, додека лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски оцени дека „Република Македонија го изгуби својот прв претседател, основоположникот на нејзината независност, човекот кој ја водеше оваа земја во еден од најтешките периоди од нејзината понова историја. Киро Глигоров како никој друг ги поврзува двата столба на кои се потпира современата македонска државност-АСНОМ 1944 и 8 Септември 1991“.

Граѓаните со пиетет и нескриени симпатии зборуваат за својот прв претседател.

„Човек што ги разбира работите и најмногу придонесе кризата во Македонија да се заврши без крв. Човек што целиот живот работел за народот. Младите политичари да се угледаат на него, на неговата чесност. Со неговата мудра политика нашта Република остана целосна. Тој одигра одлучна политика и како политичaр, и како државник и пред се’ како човек кој од се срце си ја сака државата“.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM