1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ден на борба против смртната казна

Годинешното мото е: „Смртна казна - кога државата ќе потфрли!„

Меѓународниот ден на борба против смртната казна во светот би требало да спаѓа меѓу оние, кои веќе со децении се повторуваат секоја година во медиумите. Но, тоа не и‘ соодветствува на реалноста. Ова е допрва четврти пат овој ден да се најде меѓу термините на меѓународната заедница и тоа годинава под мотото: „Смртна казна – кога државата ќе потфрли„.

Добрата вест на овој меѓународен ден е дека дури 128 држави ширум светот не ја применуваат повеќе најтешката казна. Има секако и лоша вест: цели 68 држави се‘ уште не ја исфрлиле од каталогот мерки за казнување. И што е најстрашно, во втората група држави живее дури три четвртини од вкупното население на Планетава.

Ова е доволна причина за организацијата „Меѓународна коалиција против смртната казна„ да повика денеска на сеопфатни протестни акции.

„Светската коалиција е здружение од преку 50 невладини организации, здруженија на адвокати, синдикати и граѓански иницијативи. Амнести интернешенал е исто членка, бидејќи веќе со години се залага за укинување на смртната казна ширум светот„ – објаснува Оливер Хендрихс, специјалист за прашања поврзани со смртната казна при германската секција на Амнести интернешенал.

Фокусот на вниманието и годинава е насочен кон Кина каде само минатата година биле извршени 1.700 регистрирани смртни казни. Познавачите проценуваат дека реалната бројка се движи околу 8.000 годишно. Еден сведок од милионскиот град Тангсхан, на северот на Кина, вака ја опишува ситуацијата во која околу стотина криминалци биле изведени на локалниот стадион, каде им било судено.

„Криминалците не носеа полициски лисици, туку беа врзани со јаже натопено во машинско масло, како во времето на културната револуција. Заробениците имаа видливи траги на страдање, а имаа и врзано јаже околу вратот, така што не можеа гласно да протестираат.„

Според сведокот на целиот настан 25-мина од осудените биле одведени на соседната полјана и биле веднаш стрелани. Според важечкиот закон во Кина на смртна казна и‘ подлежат вкупно 69 деликти, почнувајќи од убиство, па се до корупција и затајување данок. Јавните линчувања во меѓувреме се укинати, што не важи и за смртната казна воопшто. Вкупно три четвртини од сите регистрирани егзекуции во светот се случуваат во Кина. Во САД во декември минатата година беше изведена 1000-та смртна казна од повторното воведување во 1976-та година. Некои од затворениците беа меѓутоа докажано психички болни. Токму во тоа е еден од главните проблеми со смртната казна, инсистира претставникот на Амнести, Оливер Хендрихс:

„Со мотото: смртна казна – кога државата ќе потфрли, сакаме да нагласиме дека покрај темелната критика на сметка на смртната казна поради нечовечноста, постои и проблемот што има голем број случаи на неправедно спроведени казни од тој вид. Има нефер водени судски постапки, осуда на невини лица, убивање малолетници или психички болни лица.„