1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Ден на борба против сидата - табуизирањето не помага!

Никогаш порано во една година не умреле толку многу луѓе, како годинава. И, никогаш порано годишно не се инфицирале толкав број лица како сега, стои во извештајот на Програмата за борба против сидата на ОН. Според официјалните податоци, со вирусот Хив се инфицирани 40 милиони луѓе во светот, од нив само во Африка 25 милиони. Но, против ова "оружје за масовно уништување" никој не сака да поведе војна. Тоа што недостига е политичка волја.

На Светскиот ден на сидата, алармот не може да се исклучи. Бројките говорат за себе. Само во Јужна Африка се инфицирани четирипол милиони луѓе, од кои дневно умираат по 700. Во Кина, смртоносниот вирус го носат еден милион лица, а во Бразил 600 илјади се Хив позитивни. Сидата коси во Источна Европа, од Естонија доаѓаат извештаи за епидемија. Во Германија секоја година се регистрираат по две илјади ново-инфицирани. Зад сите овие бројки се крие индивидуална судбина, луѓе што страдаат, семејства кои се притиснати до sид, се кријат сиромаштија, заградување и беспомошност. И покрај напредокот, во големи делови од светот сеуште недостига пристап до добри и поволни лекови, недостига доволно социјална и медицинска помош за заболените и нивните роднини. Поврзаноста на сиромаштијата, недоволната развиеност и заболувањето од сида важи и натаму.

Релативно опширното медиумско известување во предвечерјето на светскиот ден на сидата, не смее да пружи погрешен впечаток, зашто сеуште многу луѓе немаат доволен пристап до иннформации и не можат да ја уживаат погодноста на мерките за превенција. Лек за сидата сеуште нема. Во богатите индустриски земји вербата во научните достигнувања, води кон намалена претпазливост и зголемена подготвеност на ризик. Веќе не може да се тврди дека сидата е болест ограничена на мал број ризични групи.

Дали, значи, светскиот ден на борба против сидата е само некаков датум во редицата повеќе или помалку значајни денови на одбележување? Дали социјалната совест на светот и натаму има забавен пулс? Дали станавме безгрижни и ја прифаќаме сидата речиси како придружна појава на глобализацијата? Вирусот пустоши таму каде гранциите паѓаат, каде контактите стануваат интернационални, каде со вистинската, но и со наводната слобода, која често е само слобода на консумирање, расте и проституцијата. Источна Европа е добар пример за тоа.

Се' што е речено важи. Но,сепак едно нешто не може да се превиди. Болеста на имунолошкиот систем стана тема. За тоа говорат не само експертите, научниците, организациите за помош. Не, разговараат и политичарите. Едни со други. Јавно. Некои фармацевтски претпријатија во меѓувреме ставаат на располагање поволни лекови, лиценци за Генерика. Премолчувањето и замачкувањето, табуизирањето и потиснувањето, веќе не функционираат. И, да се надеваме, наскоро, и погодените луѓе гласно ќе го побараат правото на достинствен живот и умирање.