1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ден на борба против генитално сакатење на жените

По повод меѓународниот Ден на борба против гениталното сакатење на жените, пратеници на повеќе парламентарни групи на Бундестагот побараа сопфатна акција во општеството против ваквиот ритуал, што по традиција се практикува во некои земји од Африка и Азија.

Мајка и ќерка во Судан

Мајка и ќерка во Судан

Според проценките во Германија живеат од 20 до 40.000 жени од странско потекло, кои се веќе погодени или на кои им се заканува обрезување на клиторисот. Дел од пратениците побараа при дебатата во парламентот уште построга законска регулатива против оваа појава. Сабине Кинкарц ја следеше расправата и го испрати следниот извештај.

Меѓу пратениците од сите германски партии застапени во Парламентот во принцип владее согласност дека обрезувањето на женските полни органи е варварска традиција, што се коси со елементарните човекови права. Таа практика исто така е спротивна на темелните вредности на западната цивилизација, како што е достоинството и правото на самоопределување на жената. Пратеничката на партијата на Зелените Ирмингард Шеве-Герик вака го објаснува постоењето на овој феномен во германското општество:

“Многумина од родителите, кои дошле во Европа по пат на легална миграција или како бегалци, не ги оставаат зад себе уверувањата дека оваа страшна традиција е неопходна за нивните ќерки, што од биолошки, што од социјален аспект. Девојките често од Германија се носат во странство за да се изврши ритуалот на обрезување, а имаме сознанија дека се врши и кај нас дури и со учество на медицински персонал.“

Нејзината партија на Зелените сака оваа постапка да влезе во кривичниот законик на Германија како облик на тешка телесна повреда и соодветно на тоа да се казнува. Овој ритуал до сега е забранет со закон, но не е регистриран уште ниту еден судски процес, ниту пак пресуда по таа основа.

Политичарите се меѓутоа свесни и дека само законската забрана нема да биде доволна:

“Верувам дека само законите нема да делуваат уверливо. Она што е битно тоа е подобрување на социјалната положба и образованието на жените, а политиката треба да го насочи вниманието и кон мажите. Зашто, мажите се тие кои имаат водечка улога во законодавството на земјите во кои се спроведува обрезувањето. Мажите се исто така во улога на верски водачи и заштитници на традицијата. Конечно, мажите се оние кои не сакаат да се оженат со жени кои не се обрезани, затоа што ги сметаат за нечисти или за проститутки.“

За тоа е неопходно да се бараат сојузници во погодените земји, смета пратеничката на христијанско демократската унија, Сибиле Фајфер:

“Потребни ни се жени, кои се доволно храбри за да сведочат за тешката судбина што ги снашла. Впрочем станува збор за 130 милиони такви жени ширум светот. Тие треба да сведочат во јавноста и на тој начин да ги спасат нивните ќерки и внуки од сакатењето на половите органи!“