1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Денот на Република Српска- за едни радост, за други тага

Деветти јануари е Ден на Република Српска. Мислењата за овој датум во БиХ се поделени. Едни го слават, а други обвинуваат дека оваа творба е создадена на геноцидни темели.

„Република Српска беше создадена како израз на волјата на српскиот народ во 1992 година и универзалното право на граѓаните на сопствено организирање и самоопределување. РС е меѓународно призната како државотворна единка, ентитет во рамките на БиХ, со меѓународниот договор од Дејтон“, изјави по повод годишнината, претседателот на Академијата на науките и уметностите на РС, Рајко Кузмановиќ.

Според Кузмановиќ, Република Српска е изградена на три цврсти столба: „волјата на граѓаните, Уставот и Дејтонскиот договор“.

Rajko Kuzmanovic

Рајко Кузмановиќ

За Бошњаците, 9. јануари и Денот на Република Српска го симболизираат создавањето на институционалната рамка преку која беа поттикнати и сторени најголемите злосторства во Европа по Втората светска војна“, изјави за ДВ претседателката на босанскиот огранок на Друштвото за загрозени народи, Фадила Мемишевиќ. Таа тврди дека БиХ е создадена на „пирамидата од коски на убиеното несрпско население“.

„За жал, РС беше создадена со етничко чистење на несрпското население. Но, факт е дека РС е ентитет кој беше легализиран во Дејтон и ние нашата критика ја насочивме токму кон меѓународната заедница и кон творците на Дејтонскиот договор бидејќи тие го легализираа етничкото чистење. Фактот што денес во РС не живее ниту пет проценти несрпско население, говори дека проектот на Радован Караџиќ во целост успеа“, вели Мемишевиќ.

Ден на почетокот на геноцидот

Biljana Plavsic

Билјана Плавшиќ

Некогашната претседателка на РС, Билјана Плавшиќ која пред Хашкиот суд ги призна злосторствата вршени над другите заедници, оцени дека опстанокот на РС е загрозен поради „неединството на српските политичари“.

„Минавме тежок пат, но ова што се случува треба да биде опомена дека многу лесно може да се случи следната година да нема кој да го слави Денот на Република Српска“, порача Плавшиќ.

Од друга страна, одредени бошњачки организации како здружението „Млади муслимани“ покренаа иницијатива 9. јануари да се одбележува како ден на почеток на геноцидот врз Бошњаците.

„Тој датум практично претставува ставање во функција на геноцидната политика“, вели секретарот на здружението Анес Џузуновиќ.

Според истражувањата на невладини организации, јавноста во БиХ уште долго ќе остане поделена околу толкувањето на историските факти, бидејќи во земјата нема соочување со минатото.