1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Денот кога Сорос ја урна британската фунта

На берзанските шпекуланти некои гледаат со восхит, други со презир. Тие ги бараат слабите точки на државите и ги напаѓаат. Овој принцип уште пред две децении го примени легендата меѓу шпекулантите, Џорџ Сорос .

Џорџ Сорос од едни е славен како пророк на слободните пазари, а од други е нарекуван безобѕирен берзански жонглер. Самиот себеси се разбира како филантроп кој на државите им покажува каде треба да извршат поправки и радикално ги користи нивните слаби точки за да го размножува своето богатство. Според магазинот Форбс, неговото богатство се проценува на повеќе од 14 милијарди американски долари.

Поглед назад: Во 1992. година Европската унија, мерено според бројот на членки, се‘ уште беше мини-унија. Германија само што се обедини повторно, процес што ја чинеше огромни суми пари. Германското обединување тогаш прилично го промени политичкото и економско уредување на Европа. Земјата сериозно се задолжи, што доведе до пораст на стапката на инфлација. За да се намали инфлаторниот притисок, германската Бундесбанка ја зголеми основната каматна стапка. Во тоа време таа тоа можеше да го направи, затоа што централните банки беа независни. Државите беа обединети во Европски монетарен систем (ЕВС). Основен елемент на тој систем беше монетарниот механизам, кој требаше да ги стабилизира различните курсеви на валути во рамки на однапред зададена рамка. Меѓутоа, зголемувањето на германската основна камата присили и други земји на сличен чекор, за да се спречи преголем пад на сопствените национални валути. Во тоа време значително преценета беше пред се‘ британската фунта. Во исто време и американскиот долар загуби на вредност. Европа, а пред се‘ Британците, беа под притисок.

USA Wirtschaft US-Investor und Milliardär George Soros stellt Buch zur Finanzkrise vor

Знае како да ги искористи слабите точки - Џорџ Сорос по „Црната недела“ во Велика Британија стана легенда

Крими во Лондон

Џорџ Сорос знаеше како да ја искористи оваа слаба точка. Унгарецот роден во 1936. година, по студиите по економија, со 5 илјади долари во џебот отпатувал во САД и станал богат со шпекулантски зделки. Во 1992. година и Сорос го согледа притисокот под којшто се наоѓаше британската влада и оцени дека Велика Британија или ќе мора многу да ја намали вредноста на фунтата или ќе мора да излезе од ЕВС-системот. Освен тоа, во лоша состојба беше и британскиот буџет. Заедно со други инвеститори тој големите количества фунти со кои располагаше почна да ги менува за други европски валути, како германски марки и француски франци.

Британската Национална банка реагираше со купување фунти во голем стил за да и‘ даде поддршка на валутата, но тоа немаше дејство. Затоа, на 16 септември 1992. година таа ги зголеми каматите од 10 на 12 проценти. Со тоа требаше да бидат привлечени инвеститори кои би купувале фунти за да ја стабилизираат валутата. Само неколку часа подоцна, каматата е зголемена на дури 15 проценти. Но, Сорос и другите шпекуланти не „загризаа“ и продолжија да чекаат. Во 19 часот истиот ден британскиот министер за финансии соопшти дека земјата излегува од Европскиот монетарен систем. Овој ден во финансиската историја на Велика Британија е запишан како „Црна недела“. Сорос во еден единствен ден заработи милијарда долари и стана легенда.

Шпекулирање без граници

Сорос се‘ до својата пензија во 2011. година, кога имаше полни 81 година, беше активен во барањето слаби точки на државите и шпекулирањето против нив. Тој има голем број „наследници“ - во еврокризата шпекулантите се прогласувани за главни виновници. Политичарите често велат дека шпекулантите се виновни што земјите мора да се снабдуваат со пари на финансиските пазари со огромни камати. Меѓутоа, најголемиот дел политичари притоа забораваат дека не се шпекулантите предизвикувачи на кризата, туку тие само ја користат за да остварат профит, а задача на политиката е на жонглерите на берзите да им постави јасни правила на игра.

Во последните две децении вкупниот обем на берзански шпекулации се зголеми многукратно - со помош на специјални финансиски инструменти е можно обложување на растечките курсеви на девизи, но и на нивното паѓање, како и на цената на суровини, прехранбени производи или државни обврзници. Исто како и пред 20 години, и денес не постојат доволно механизми со кои тоа би се спречило. Така на државите им останува само да ги доведат во ред своите буџети. Инаку, на крајот, секогаш се смеат само шпекулантите.