1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Денот кога гореа амбасади во Белград

Стотици илјади луѓе беа собрани на белградските улици пред точно шест години. По митингот „Косово е Србија“ некои од нив си „играа“ со пиротехника пред странските амбасади. Епилог на немилите настани не е на повидок.

Билансот по хаосот во Белград на 21. февруари 2008. година, четири дена по прогласувањето независност на Косово, беше 78 повредени граѓани, 50 повредени полицајци, 200 уапсени, никогаш неизмерена и неподмирена материјална штета и - едно јагленосано тело на првиот кат во амбасадата на САД.

Поминаа полни 6 години од дивеењето и пироманијата која со живот ја плати дваесетгодишниот Зоран Вујовиќ. Тој, според достапните податоци, се задушил од јаглерод-моноксид во запалената амбасада на САД. И полни шест години нема никаков епилог за насилните инциденти кои се случија за време на митингот на кој беше искажан револтот против прогласувањето на независноста на Косово. За нападите врз амбасадите на САД, Германија, Турција и на Хрватска, кои се случија таа вечер, правосилно никој не е осуден. „Традиционалниот изговор за сите слични работи е лошото функционирање на српското правосудство кое нема храброст да се соочи со процесите кои имаат политичка конотација“, вели Никола Радишиќ, новинар на Б92 кој се занимава со оваа тема.

„Видовме снимки на стотина луѓе пред амбасадите, а обвинителството наводно успеа да идентификува едно лице. На крајот тоа момче е осудено за кражба во американската амбасада и ништо повеќе. Тогаш и таа пресуда падна на Апелацискиот суд“, раскажува Радишиќ за ДВ.

Тешко до конкретни информации

По дипломатскиот притисок од Вашингтон и Берлин, во 2012. година започна постапката против дванаест момчиња, главно од Нови Сад, за кои е докажано дека вечерта ја поминале во близина на огновите на улицата Кнез Милош. Еден од нив „видел дека луѓето фрлале нешто кон амбасадата“, но не знае кој и што. Другиот дошол кога „веќе амбасадата горела“. Трет дури признава оти фрлил камен кон амбасадата, но „каменот не достигнал до неа“. И тука сѐ запре. Новинарските обиди да се пробие ѕидот на молчење веќе со години наидуваат на иста пречка. Томо Зориќ, портпарол на Републичкото јавно обвинителствот, кратко ни изјави: „Со сета добра волја, не можам да ви дадам никакви информации за нападите врз амбасадите“. Не сакаат да зборуваат ниту во амбасадата на САД, во меѓувреме преселена во белградската населба Дедиње, а Стејт департментот исто така одби да ја коментира бавноста на српското правосудство.

Има ли доволно политичка волја?



За разлика од нив, Андреас Шокенхоф има што да каже. Тој во владејачката германска партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), е задолжен за Jугоисточна Европа и беше дел од парламентарната делегација која во Белград, во документот со седум точки, како еден од условите за европскиот пат на Србија го постави расветлувањето на нападот врз германската амбасада. „Воопшто не сум задоволен со развојот“, наведува Шокенхоф за ДВ. „И покрај тоа што сторителите и поттикнувачите на нападот се речиси сигурно познати, до денес нема обвиненија, иако Србија според меѓународното право е обврзана да го расветли случајот.“

Шокенхоф додава оти поради недостатокот на пресуди и обвиненија може да се запраша дали има доволно политичка волја да се реши случајот. Минатиот јуни германскиот парламент Бундестагот усвои заклучок, според кој преговорите со Србија за пристапување кон ЕУ не можат да бидат затворени сѐ додека правосилно не се осудат напаѓачите, но и нарачателите кои, како што прецизира Шокенхоф, „се одговорни за ненавремена и неправилна заштита на амбасадата.“