Денис Јуџел: една година зад решетки без обвинение | Свет | DW | 14.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Денис Јуџел: една година зад решетки без обвинение

Нема ниту еден разговор за односите меѓу Германија и Турција а да не се спомене неговото име: веќе една година притворениот новинар Денис Јуџел, според многумина, е заложник на претседателот Ердоган. Како до решение?

„Денис Јуџел е новинар кој известуваше без влакна на јазикот. Критикуваше и лево и десно, пишуваше многу остри анализи“, вели за ДВ, Кристијан Бракел, директор на истанбулската канцеларија на фондацијата Хајнрих Бел.
Јуџел е роден во 1973 година во близина на Франкфурт, како син на турски доселеници. Беше дописник на германскиот весни Ди Велт од Турција, а има и турски и германски пасош. Уапсен е на 14 февруари 2017 година, а од март истата година е во строго обезбедуваниот затвор Силиври- без обвинение. Во налогот за апсење тој е обвинет за „хушкање на народот“ и „терористичка пропаганда“- притоа се наведуваат осум новинарски текстови кои ги напишал за Ди Велт.
Во новата книга на Јуџел која излегува на годишнината од неговото апсење под наслов „Не сме овде попусто“, можат да се прочитаат два од тие текстови: интервју со заменикот шеф на Работничката партија на Курдистан во кое тој признава дека „имало интерни егзекуции“, како и текст за проширувањето на моќта на турскиот претседател под наслов „Пучист“.
Дорис Акрап, издавач на книгата и пријателка на Јуџел, во предговорот пишува: „Во други земји за вакви текстови се добиваат новинарски награди, а во денешна Турција- затвор“.

Независно правосудство?

По обидот за државен удар на 15 јули 2016 година, во Турција се уапсени огромен број луѓе, меѓу нив и најмалку 26 германски државјани. Според германското МНР, во затвор се уште се шест лица, меѓу нив и Јуџел. Турската влада инсистира на тоа дека правосудството е независно. „Но за такво нешто не станува ниту збори“, вели Кристијан Бракел. Поради политички притисоци, двајца затвореници мораа да останат во затвор- и покрај тоа што Врховниот суд на Турција наложи нивно пуштање на слобода. Истото се случи и со шефот на канцеларијата на Амнести интернешнл во Истанбул.

Berlin Demonstranten fordern Frelassung von Deniz Yücel (Imago/snapshot/K.M. Krause)

Протести во Берлин за ослободување на Јуџел


Во случајот Јуџел, се вмеша и самиот претседател Реџеп Таип Ердоган: „Тој не е новинар, туку е агент и терорист. Еден месец германската амбасада го криеше во својата летна резиденција во Истанбул“.
Бракел вели дека зад таквите изјави се крие параноја која владее во делови од државното раководство во Турција- „идејата дека Европејците и Американците сакаат да ја уништат Турција“.

Чувствително прашање за Германија

Ердоган тврди дека „додека е на функцијата“, нема да дозволи ослободување на Јуџел. Но, Бракел вели дека Ердоган во разговор со шефот на германската дипломатија Зигмар Габриел неофицијално понудил Јуџел да биде разменет за офицерите кои наводно биле вклучени во државниот удар, а добија азил во Германија.
Канцеларката Ангела Меркел, две недели по апсењето на Јуџел изјави дека „новинарите мора да имаат можност да ја вршат својата работа“. „Поради тоа, нашите мисли се со Денис Јуџел и бараме негово пуштање на слобода, бидејќи веруваме дека не сторил ништо друго освен што работел како независен новинар. Тоа мора да биде овозможено. Сојузната влада ќе стори сѐ што е во нејзина моќ токму тоа и да се случи“.
Но, критичарите велат дека германската влада на почетокот правела многу малку за ослободување на своите граѓани. Дури во летото 2017 почна нешто да се случува, вели Бракел. Тогаш министерот Габриел предупреди дека постои опасност од патување во Турција и најави дека ќе ги ограничи кредитните гаранции за таа земја. Но, на барање на канцеларката и на министерството за економија, тие мерки се ублажени за да се заштитат германските фирми кои работат со Турција.

Türkei Istanbul Silivri Gefängniskomplex Luftaufnahme (Turkey Ministry of Justice)

Затворскиот комплекс Силиври во близина на Истанбул


Аналитичарите велат дека економски, воено и културно двете земји имаат многу блиски врски, поради што на Германија ќе и биде многу тешко „да изврши голем притисок, бидејќи со тоа би си наштетила и себеси“.

Политички пион

Денис Јуџел стравува дека поради комплицираните односи меѓу Германија и Турција би можел да стане монета за политичко поткусурање. Преку своите адвокати, во интервју за германската новинска агенција ДПА тој укажува на договорот меѓу Франција и Турција, и вели дека својата слобода не сака да ја валка со „дилови за тенкови“, ниту за „испорачување на офицери пучисти“. „Не сум достапен за валкани работи“. Габриел ги отфрли таквите тврдења, и вели дека нема ниту говор за некакви „валкани договори“.
Денис Јуџел, во секој случај, не сака да молчи ниту во затвор. Дорис Акрап во предговорот на неговата книга пишува: „Постои само една причина да се затвораат луѓе како Денис Јуџел: за конечно да се замолкнат. А за на сите да им биде јасно дека тоа нема да се случи- објавена е оваа книга“.

 

DW.COM