1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Денес гледате фудбал, утре туширање на слонови

На организаторите на Светското фудбалско првенство им остануваат уште шест месеци за да ги средат градовите и стадионите за првото СП во фудбал што се одржува на африканскиот континент.

default

Капштат важи за една од најубавите светски метрополи. Не залудно организаторите на Светското фудбалско првенство го одбраа токму овој град на Атлантикот, во југозападниот дел на Јужноафриканската Република, за локација на која ќе се одржи извлекувањето на групите. Вкупно 32 тима ќе ги добијат своите противници по групи. Со тоа и фановите веќе ќе можат да почнат да го планираат својот престој во ЈАР и да се радуваат на она што ги очекува:

„Во 2010 година ќе видиме многу страсни, весели, гласни и многу шарени фудбалски игри“, верува германскиот амбасадор во ЈАР, Дитер В. Халер.

Се` на се`, организаторите се надеваат на 450.000 странски посетители. Ним треба да им се претстави разноликоста на земјата, како што нагласува и Тереза Бај-Милер од „Јужноафрикански туризам“.

„Секој регион во кој се игра нуди различни доживувања. Попладне или навечер можете да присуствувате на фудбалски натпревар, а веќе следното утро да тргнете на автомобилско сафари и да ги гледате слоновите како се тушираат“, вели Бај-Милер.

Јужноафриканска република и се` е можно - ова е мотото со кое туристичката бранша се обидува да ги привлече странските посетители.

Остануваат неколку предизвици

Fußball WM Südafrika Stadion Durbam

Уште шест месеци останаа за стадионот Дурбан да се доведе во замислената форма

Проблематична останува инфраструктурата, посебно транспортот до градовите во кои се одржуваат натпреварите. Сепак, Хорст Шмит, германскиот советник на Организацискиот комитет, е оптимист:

„Сликите говорат подобро од зборовите. Целокупната работа на патната инфраструктура и слично добро напредува.“

ЈАР располага со одлична мрежа на улици. Сепак, растојанието меѓу двете места на одржување на натпреварите, Полокване и Капштат изнесува 1700 километри. Тереза Бај-Милер има посебен совет за оние кои патуваат со автомобил: „Морате да стигнете до целта, пред да се стемни“. Ова се должи на високата стапка на криминалитет. За време на Светското првенство ќе бидат распоредени 30.000 дополнителни полицајци, чија задача ќе биде да се грижат за безбедноста на посетителите.

За портпаролот на владата, Темба Масеко, Светското фудбалско првенство треба да исполни и една политичка цел:

„Првенството ни‘ дава можност преку него да ги обединиме сите Африканци, а исто така имаме и шанса подобро да ја изрекламираме ЈАР и да му покажеме на светот дека ова навистина е прекрасна земја.

Автор: Арнулф Бечер / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска