1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Денеска почнува со работа новата палестинска влада на национално единство

На вчерашната седница на палестинскиот парламент пратениците со огромно мнозинство го прифатија составот на новиот владин кабинет на стариот - нов премиер Исмаил Ханија од Хамаз.

Претседателот Абас (на говорницата) и премиерот Ханија на вчерашната седница на Парламентот

Претседателот Абас (на говорницата) и премиерот Ханија на вчерашната седница на Парламентот

Американската влада во првата реакција на најавената владина политика манифестираше “разочарување“. Портпарол на Стејт департментот порача дека позицијата на владата на национално единство е неспоива со меѓународниот мировен план за Блискиот исток.

За разлика од официјален Вашингтон, германското претседателство со ЕУ ја поздрави инаугурацијата на новата палестинска влада на национално единство. Помошта од фондовите на ЕУ останува меѓутоа за сега ограничена на исплати за директните социјални проекти на палестинските автономни подрачја. Тоа ќе остане така се‘ додека палестинската влада не усвои платформа за работа што ќе биде соодветна на принципите на Блиско источниот квартет, во кој покрај ЕУ седат ОН, САД и Русија. Квартетот меѓу другото бара Палестинците да се откажат од насилството и да го признаат правото на постоење на Израел.

Премиерот Исмаил Ханија од радикалниот Хамаз во владината изјава по изборот изјави дека новата влада се стреми кон создавање суверена држава на Палестинците во границите од 1967-та година и не полага право на целата историска земја Палестина. Според проценките на набљудувачите, со тоа Ханија индиректно го призна правото на постоње на Израел:

“Владата нагласува дека клучот за безбедност и стабилност лежи во окончувањето на израелската окупација и признавањето на правото на самоопределување на палестинскиот народ“ - нагласи палестинскиот премиер.

Ханија исто така порача дека Палестинците имаат право на отпор против израелската окупација. Оваа реченица во Израел беше сфатена како повик на насилство. Портпаролот на израелската влада Мири Еисин изјави:

“Израел соопшти дека ќе ги продолжи контактите со претседателот на Палестинците Абас, но нема да соработуваме со влада која отворено го негира нашето постоење и повикува на натамошно насилство против нашата држава.“

Израелскиот премиер Ехуд Олмерт на денешната владина седница упати апел до меѓународната заедница за продолжување на бојкотот на палестинската влада. Израел имено се плаши дека фронотот на меѓународна изолација на палестинската влада полека се распаѓа. Така Норвешка вчера соопшти дека ќе ја признае новата влада на национално единство на Палестинците. А Русија и Франција најавија дека имаат намера да соработуваат со неа.