1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Денеска заседава новиот Совет за човекови права

Очекувањата од новото тело, што треба да ја замени старата неефикасна Комисија за човекови права, се големи.

Високиот комесар на ОН за човекови права, Луиз Арбур

Високиот комесар на ОН за човекови права, Луиз Арбур

Но, исто така се големи и прашањата што останаа отворени при создавањето на Советот, бидејќи земјите членки на Светската организација не може да најдат компромисно решение околу инструментите што ќе му стојат на располагање. Токму од нив ќе зависи успешноста или неуспешноста на новото тело.

Очекувањата од новороденчето на ОН се огромни. Советот за човекови права треба да биде во секој поглед подобар од старата Комисија, која според многумина се претвори во фарса. Во неа седеа и претставници на такви земји кои токму предничат во кршењето на човековите права и успешно ги блокираа сите видови осуда на политиката на нивните влади.

Веќе самото формирање на новото тело е важен чекор напред, смета Мариет Грејнџ, портпаролка на организацијата за заштита на човековите права Хјуман рајтс воч:

„Човековите права се сега подигнати на повисоко ниво и станаа еден од трите најважни столба на ООН, покрај мирот и безбедноста од една и развојот од друга страна. Тоа се гледа и во фактот што Советот сега му е директно одговорен на Генералното собрание. Тој треба да е во состојба да ја насочува работата на полето на заштитата на човековите права во целиот систем на ОН и затоа се големи очекувањата до него.„

Токму Генералното собрание меѓутоа не успеа да најде компромисни решенија за неколку прашања од суштинска важност. Надворешниот облик на Советот е јасен: тој има 47 члена, кои беа избрани од Генералното собрание со апсолутно мнозинство. Телото ќе се среќава повеќе пати во текот на годината и има мандат да реагира и на акутни ситуации на кршење на човековите права. Освен тоа, тој редовно ќе ја проверува состојбата на тој план во сите земји членки, не само во оние кои важат како ноторни кршители на правата.

Она што пак не е јасно, тоа е како конкретно ќе работи Советот и на кој начин ќе ги штити човековите права во едни или ќе ги поддржува во други земји. Тоа треба Советот самиот да го одреди, така што ќе ги стави на проверка старите инструменти, но ќе создаде и нови. Еден од нив е секако спомнатата редовна проверка на состојбата во сите земји членки на Светската организација:

„Секоја држава ќе биде проверувана и тоа мора да биде фер и транспарентно. Земјите ќе можат да заземат свој став, но во проверката нема да бидат вклучени само органите на власта, туку и медиумите, невладините организации, соодветните институции. Оваа општа проверка на состојбата е единственото нешто, што е навистина ново во целиот систем„ – оценува Високиот комесар за човекови права на ОН Луиз Арбур.

Околу начините на проверка меѓутоа владеат различни мислења меѓу избраните членки на Советот. Некои сакаат како подлога за оцена да служи само официјалниот извештај на владата, што би била чиста фарса. Други се залагаат оцената да ја прават независни експерти, на што некои земји не се подготвени. Токму од одлуките по вакви прашања ќе зависи дали новото тело ќе биде навистина силно или не. Во Советот седат и претставници на земји како Кина, Куба, Пакистан и Тунис, кои секако не се заинтересирани за силен Совет за човекови права на ОН.

САД не се застапени по првиот состав на новото тело, бидејќи не се ни кандидираа.