1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Денеска започнува 43-тото првенство на фудбалската Бундеслига

На настаните ќе им биде обрнато посебно внимание од пошироката јавност, со оглед на фактот дека во Германија расте фудбалската треска спроти светското првенство, наредното лето на овдешните стадиони. Не само во Германија, туку и во странство ќе се бележат сите позитивни, но и негативни појави во текот на првенството.

Времето за подготовки помина - сега треба да се покажа адутите!

Времето за подготовки помина - сега треба да се покажа адутите!

Германскиот фудбал на меѓународен план многу загуби на вредноста. Репрезентацијата рангира на 11-то место на ранг-листата ва Светската фудбалска асоцијација, а во европска конкуренција е шеста. Репрезентацијата, предводена од Јирген Клинсман како сојузен капитен, во последно време имаше неколку сјајни настапи, кои раѓаат надеж. Сега и од 18-те прволигашки клубови се очекува да се погрижат за враќање на загубениот кредибилитет на германскиот фудбал.

Минатото првенство привлече вкупно 10,7 милиони гледачи на трибините – во просек околу 35 илјади по натпревар; со тоа Бундеслигата е на врвот во Европа. Овој рекорд може да биде надминат во новото првенство. Тоа го навестуваат повеќе од 360-те илјади сезонски претплатни карти, колку што беа продадени пред почетокот на првенството, повеќе од кога и да е порано. Разноводни се причините за овој бум на посетеност: претстојното светско првенство, новите, модерни стадиони со голем конфор, но и нови ѕвезди како на пример Данецот Јон Дал Томасон, кој од Милан дојде во Штутгарт. И покрај нужноста за штедење, за прв пат по 4 години клубовите потрошија повеќе пари за ангажирање нови играчи: за 136 трансфери се потрошени вкупно 71 милион евра. Притоа, само 57 од новоангажираните играчи доаѓаат од странство. Клубовите, очигледно, се’ повеќе се ориентираат кон домашни играчи, и тоа пред се’ од сопствениот подмладок. Актуелниот и претходниот првак направија инетресна размена: Валериан Исмаел го засили Баерн Минхен за новиот јуриш во Лигата на шампионите, додека Торстен Фрингс се враќа во Бремен во својот некогашен клуб Вердер. За Баерн, меѓутоа, и натаму останува неизвесноста околу тоа дали Михаел Балак ќе го продолжи договорот или ќе прифати понуда од некој од големите клубови во Европа. Баерн му ја поднесе својата понуда, но Балак не брза со одговорот: „Не дозволувам многу влијанија од надвор. Тоа е решение што морам јас да го донесам со своето семејство. Тоа е најважното, и поради тоа и не оди толку брзо“.

Штутгарт се засили со Томасон, а го пушти Кевин Курањи во Шалке, каде тој ќе го заземе местото во шпицот на нападот по заминувањето на Бразилецот Аилтон во Турција. Хамбургер го ангажира Холанѓанецот Рафаел ван дер Ваарт.

Баерн е шампион меѓу клубовите од Бундеслигата и во поглед на буџетот: планирани се трошоци од 60 милиони евра. Најмал буџет има Мајнц – само 11 ипол милиони. За споредба, англиските клубови, на пример, за плати и ангажирање нови играчи инвестираат три пати повеќе.

Баерн како врвен фаворит ќе се стреми кон освојување и на 20-тата шампионска титула. Шанси им се припишуваат и на Шалке, Вердер и Штутгарт, кој за тренер го ангажира Џовани Трапатони. Меѓу фаворити од втор план се вбројуваат Херта Берлин, Баер Леверкузен, Хамбургер и, со задршка, и презадолжената Борусија Дортмунд. За сите други тимови во преден план би требало да биде обезбедувањето на опстанокот во Бундеслигата. Тешка сезона им се предвидува пред се’ на Арминија Билефелд, Мајнц, Нирнберг и Кајзерслаутерн. Побргу кон дното, отколку кон врвот мора да се ориентираат и Волфсбург, Хановер и Борусија Менхенгладбах. Нови во лигата се старите познаници Келн, Дуизбург и Ајнтрахт Франкфурт. Куриозитет е дека токму тие три клубови беа трите првопласирани во 1964-а година, на крајот од првото првенство во Бундеслигата!