1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Денеска завршува вештачењето за А1

Бирото за судски вештачења до денеска (22.03) треба да го заврши вештачењето за случајот А1. Бранителите тврдат дека тоа е фарса . Ништо не е спорно, тврди претседателката на Основниот суд Скопје 1 Лидија Неделкова.

default

Сметката на А1 останува блокирана

Потврдувањето на одлуката за блокада на сметката на А1 и по трет пат одложениот обид за презентирање на наодите од вештачењето, за бранителите во процесот „Пајажина“ е фарса со однапред познат исход. Адвокатскиот тим кој ги застапува осомничените во случајот со фирмите од Перо Наков б.б. се повлекол оти дознале дека вештите лица веќе го изготвиле наодот, а обвинителството обвинителниот акт. Обвинуваат дека постапка се води незаконски:

„Ние едноставно не сакавме да бидеме декор во целата таа постапка, да кажат дека ’еве презентирани и‘ се документите на одбраната‘ за нешто што е однапред готово. Ние чекаме овие денови да добиеме обвинение, очигледно е дека се брза да се стигне до обвинителен акт за да се задржат луѓето во притвор и сето тоа да се користи во изборната кампања. Вештаците отворено ни‘ кажаа дека добиле наредба оти до утре мора да го достават. На што личи тоа, нешто што обилува со писмена документација, кадешто имаме 14 луѓе што треба да се произнесат по таа докуменатција и само чисто формално да поминат преку тоа, а ние во тоа да учествуваме? Е, па немаме намера“, вели адвокатот Мирослав Вуиќ.

За претседателката на Основниот суд Скопје 1 Лидија Неделкова, не е ништо спорно што на вчерашното вештачење не присуствувале истражниот судија и обвинителот бидејќи тоа не било пропишано со закон. Според нејзе, вештачењето не се правело преку ноќ, туку уште од 10 февруари и требало да заврши денеска:

NO FLASH Fernsehsender TV A1 Mazedonien

„Сите мора да се придржуваат до законот, а на овој начин не е придржување до законот доколку некој не сака по трет пат да му бидат презентирани доказите. Бирото за судски вештачења треба да го заврши вештачењето до 22 март, односно утре. Бидејќи секое вештачење мора да се заврши во рок кој го утврдува истражниот судија, особено кога се работи за притворски предмет, значи треба итно да се изработи вештачењето, а тоа не е итно како што тие го наведуваат, бидејќи вештачењето е започнато на 10 февруари. Така што нека не ја доведуваат во заблуда јавноста која будно го следи овој случај од свои причини, не е точно тоа, ниту пак имам намера да се разубедуваме, или убедуваме, ни со обвинителот, ниту со одбраната. Ние постапуваме по закон, а одбраната може да презема секакви мерки. Тоа е нивна тактика, ние не им се мешаме, меѓутоа тие не смеат да ја доведуваат под сомнеж работата на судот заради тоа што нешто ним не им се допаѓа во одреден момент на водење на постапката“, вели Неделкова.

Откако вештачењето ќе заврши и ќе се достави до кривичниот суд, обвинителството ќе треба да донесе одлука дали ќе се подигне и обвинителен акт и судски процес. Инаку, одлуката на Кривичниот совет сметката на А1 да остане блокирана, како единствен начин за наплата на парите од штетата кон државата, е конечна. Долг на име неплатен данок во висина од седум милиони евра од А1 побарува и УЈП за период од пет години. Истрагата за случајот трае три месеци. Сметката на А1 стана и политички услов за враќање на опозицијата во Парламентот и предуслов за нивно учество на предвремените избори.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM