1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Демонстрации за и против Орбан

Унгарија останува длабоко поделена. Десетици илјади луѓе во Будимпешта излегоа на улиците и демонстрираа за и против владата на премиерот Виктор Орбан. Приврзаниците на опозицијата беа разочарани.

Поворка на која не ѝ се гледаше крајот беше упатена во центарот на Будимпешта за да му изрази поддршка на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Според проценките, на повикот на силите блиски до Владата за „Мировен марш“ се одзваа околу 200.000 луѓе. Повод - годишнината од бунтот против комунистичкиот режим во октомври 1956 година.

Наспроти тоа, околу 25.000 приврзаници на опозицијата се собраа во близина на Техничкиот универзитет со цел да го изразат својот отпор кон владата на Орбан, која ја критикуваат како автократска. Организаторите се надеваа на 100.000 учесници. Оние што дојдоа беа разочарани од нискиот оздив. „Дури ниту на еден ваков топол ден не можеме да ги натераме луѓето да излезат“, се жалеше еден од демонстрантите.

Повикот за демонстрации првпат беше натпартиски. Левицата и либералите направија напор за заеднички настап. Поранешниот премиер Гордон Бајнаи ја спореди Унгарија и раководството на Орбан со бродот Титаник. „Капетан Орбан“ и покрај огромните проблеми „оди со полна пареа напред“ и на оркестарот му дава наредба да свири погласно“, критикуваше Бајнаи.

Viktor Orban Budapest pro Regierung Demonstration

Учесници на демонстрациите „за“ Орбан

Приврзаниците на Орбан се собраа на плоштад во центарот на градот, каде се обрати премиерот. Орбан изјави дека реформите кои тој ги спроведува се неопходни за Унгарија конечно да ги остави зад себе комунизмот и економските и политичките аномалии кои произлегоа од него.

Орбан е критикуван дома и во странство поради начинот на кој ја води земјата. Неговата десноориентирана партија Фидес располага со двотретинско мнозинство во парламентот, позиција која ја користи за носење спорни нови закони во правосудството и медиумската сфера, како и во делот на работењето на централната банка. Тоа е критикувано во рамки на ЕУ. Неговите противници го обвинуваат за авторитарни тенденции и за поткопување на граѓанските права и слободата на печатот.