1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Демонстрации во Русија во знак на солидарност со жртвите на теророт

Во Русија за прв пат во историјата е прогласена дводневна жаслост. Никогаш освен во воени времиња немало толку многу човечки жртви во толку кратко време. Во Беслан мораше да бидат уредени нови гробишта за да можат последен мир да најдат најмалку 400 луѓе – жртви на терористичката заложничка драма. Илјадници луѓе ширум земјата излегоа на улици во знак на солидарност со жртвите на теророт.

Пред зимската палата во Санкт Петерсбург се собраа 20 до 30 илјади луѓе. Ние сме со вас - им порачаа со транспарентите на ужалените од Беслан. Меѓу демонстрантите имаше и деца, како малиот Вања: “Тие терористи не сакаат никого, тие ги убиваат сите”.

Сите говорници беа под наплив на емоции. Претседателот на градскиот парламент на Петерсбург Вадим Тјулпанов ги повика сограѓаните: “Кога вечер ќе се вратите дома, земете ги децата во скут, бакнете ги, гушнете ги. Среќа е да се има деца. Таа среќа мора да ја цениме”.

И во други градови на Русија повторно имаше демонстрации, како во Омск или во Грозни, каде луѓето протестираа против нечовечкото насилство. Во Нижни Новгород на Волга заедно демонстрираа Русите и Германците. Таму беше закотвен бродот на германско-руската култура “Волга 2004”, кој во рамките на годината на германската култура во Русија е на пат кон Каспиското море. Денеска треба да се одржи сличен собир пред црквата Свети Василиј на Црвениот плоштад во Москва, под најстроги мерки за безбедност, како што беше и во Петерсбург.

Во меѓувреме во Беслан под силен дожд беа погребани натамошни жртви на бруталното грабнување. “Имињата, животите и делата на секого од вас ќе останат во нашите сеќавања” – рече на комеморацијата претседателот на руската репубика Северна Осетија Ѕасохов. На погребот присуствуваа политичари како рускиот министер за внатрешни работи Гризлов, градоначалникот на Москва Лужков и гувернерот на Санкт Петерсбург Валентина Матвеева, и претставници на сите религиозни заедници. Исмаил Бердиев, муфтија од соседната кавкаска република Карачај-Черкезија, ваќа го искажа своето вчудовидување поради подмолниот акт на терористите: “Тие суштества што се нарекуваат муслимани, немаат ништо заедничко со исламот. Ние во Кавказот си имаме наши традиции, но тие за жал не се на сила. Според нив, ние би ги протерале ваквите луѓе. Тие традиции мораме повторно да ги обновиме”.