1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Демонстранти упаднаа во амбасадата на САД во Сана

Прво се случи нападот во конзулатот на САД во Бенгази, Либија, потоа следуваа протеси во Каиро, а денеска (13.09) стотици демонстранти насилно упаднаа во американскoто претставништво во Јемен. Едно лице загина.

Едно лице загина и петмина се повредени во судири, кои избувнаа денеска пред амбасдата на САД во главниот град на Јемен, Сана, јави телевизијата „Ал Џезира“.

Стотици демонстранти денеска упаднаа во амбасадата на САД во јеменската престолнина Сана протестирајќи против филмот, што го сметаат за навреда на исламот.

Гневните млади луѓе со камења ги испокршија прозорците на просториите на обезбедувањето надвор од амбасадата и преку главната порта насила влегоа во обезбедуваниот комплекс.

Очевидци раскажаа дека на територијата на амбасадата имало пожари, а чуварите пукале во воздух за да ги спречат напаѓачите, кои се разбегале, но подоцна пак се вратиле.

Според очевидците, на двете страни има неутвреден број повредени.

Демонстрантите запалиле автомобилски гуми и носат транспаранти со пораката „Алах е голем“, а некои се обидуваат да се префрлат преку оградата на комплексот.

Нападот во Сана се случува по нападот во вторникот ноќта врз американскиот конзулат во Бенгази, во кој беше убиен амбасадорот на САД во Либија и други тројца дипломати.

Антиисламскиот филм предизвика немири и во Египет, тие прпдолжуваат и денеска. Полицијата се судрила и растурила јадро на демонстрантите од пред американската амбасада во Каиро. Муслиманските браќа, кон кои припаѓа и претседателот Мохамед Мурси, за денеска повикаа на нови демонстрации.

САД во меѓувреме ја засилија безбедноста на своите дипломатски претставништва.

Агенциите јавуваат и за протести во градот Газа, каде десетици Палестинци го запалија американското и израелското знаме со повиците „Смрт за Америка!“ и „Смрт за Израел!“.

Протест се одржа и во квартот на Газа каде се наоѓаат канцелариите на меѓународни хуманитарни организации. Од безбедносни причини за едно деноноќие беа затворени канцелариите на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци, Службата на ОН за координација на хуманитарните прашања и Светската здравствена организација.

Приближно 500 лица протестираа во близина на амбасадата на Швајцарија во Техеран, која ги претставува американските интереси во Иран. Демонстрациите беа организирани од радикална исламска студентска организација. Над 200 полицајци од единиците за борба со масовни безредија и пожарникари им го попречија патот на демонстрантите да се приближат до амбасадата, чиј персонал беше евакуиран од безбедносни причини.

Филмот кој ги предизвика протестите е дело на 56- годишен американски државјанин со еврејско потекло, Сем Бациле. Во филмот пророкот Мухамед е претставен како неморална личност, која дозволува сексуална злоупотреба на деца. Анти-исламистот Бациле во меѓувреме го напуштил својот дом и се крие на непозната локација.