1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Демократски дефицити во државите на ЕУ на истокот

Европа подолго време гледа дека е загрозена правната држава во Унгарија. Сега и Романија ги прекршува демократските принципи, смета ЕК. Од каде потекнуваат демократските дефицити во земјите на поранешниот Источен блок?

Повторно земја членка на ЕУ од Источна Европа е на удар на критиката на Европската комисија. Пред неколку месеци на удар беше политиката на Виктор Орбан во Унгарија. Сега претседателот на Комисијата на ЕУ Жозе Мануел Барозо со изненадувачки јасни зборови ја критикува владата на Виктор Понта во Романија. Правната држава и независноста на судството во Романија се загрозени, рече Барозо при презентацијата на извештајот за напредок за балканската земја. „Случувањата во Романија ја нарушија нашата доверба“, вели Барозо. Слична е и пресудата за Бугарија. Во извештајот за ситуацијата во оваа земја се нагласува дека целите за воспоставување модерен судски систем и во борбата против корупцијата се’ уште не се исполнети. И веќе ширум Европа се зборува за демократски дефицити во државите во Источна и Југоисточна Европа, се зборува дури за „дефектна демократија“.

ponta rumänien eu brüssel

Виктор Понта, премиер на Романија

Една од причините за тоа, според Волфганг Хепкен, професор по историја на Југоисточна Европа на универзитетот во Лајпциг, е недоволното демократско искуство на државите, кои до 1989 година беа дел од т.н. „Источен блок“. Уште во предкомунистичкото време овие општества немаа демократски системи кои добро функционираат, а за време на комунистичкото владеење недовербата кон државните институции уште повеќе нарасна. По пресвртот, смета Хепкен, овие земји беа соочени со неповторлив историски предизвик, истовремено да мора да го реформираат својот економски и политички систем. „Ова претставуваше големо оптоварување за општеството. Би било наивно тука веднаш да се очекува беспрекорен демократски поредок“, смета Хепкен.

Политичките противници се сметаат за непријатели

Во пракса ова значи дека политичките елити постојано се обидуваат, да ја обезбедат нивната позиција и притоа само формално се движат во рамките на уставот. Конечно тие не би делувале во смисол на нивниот устав: со различни трикови и итрини се поткопува независноста на судството, се кратат надлежностите на Уставниот суд, а загрозена е и меѓусебната контрола на државните институции.

„Зад сето ова се крие еден основен образец - мојот политички противник е мојот непријател, против него мора да се води борба со сите средства“, вели Франц Лотар Алтман, професор за меѓународни односи на универзитетот во Букурешт. „Овде недостасува културата за политичка дискусија, парламентарна култура  како меѓусебно да се однесуваат“, појаснува Алтман. Слична ситуација како сега во Унгарија и Романија пред неколку години имаше и во Полска, кога браќата Јарослав и Лех Качински ги водеа политиките во земјата, вели Алтман.  Тој е убеден дека тоа е наследство од комунистичкото владеење. „Тогаш имаше само едно мислење - она на партијата“, вели Алтман.

Тоа е и една од причините зошто Европската комисија воведе мониторинг за Романија и Бугарија. Со оглед на тоа што земјите на ЕУ во 2007 година молкум прифатија дека строгите критериуми за прием не се целосно исполнети, двете земји ги надгледуваат експерти. Оттогаш тие треба редовно да ја известуваат Комисијата на ЕУ за напредокот при формирањето на независно судство како и за борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Два аршина?

Viktor Orban EU Tadel Ungarn Sparmaßnahmen

Виктор Орбан, премиер на Унгарија

Во погодените земји се тврди дека Западот е многу едностран во својата критика. „Зошто Брисел ги казнува само источните Европејци?“, праша неодамна еден унгарски весник. ЕУ се мешала во внатрешнополитичките работи на источните Европејци до тој степен, што во западните држави не би го направила, често се префрлува. Радо како пример се наведуваат нападите врз италијанскиот правосуден систем во времето на Берлускони, протерувањето на Ромите од Франција во времето на Саркози или влијанието на десниот популсит Герт Вилдерс врз владата на Холандија.

Историчарот Волфганг Хепкен предупредува од тоа да се делува арогантно и подучувачки: „Премногу често западните демократии си дозволуваат срамни грешки“. Битна разлика сепак, смета Хепкен, е тоа што „се има чувство дека во Романија моментално со конфликтот за власт меѓу претседателот Басеску и премиерот Понта се менуваат демократските сруктури“. Тоа во Холандија не било случај, сеедно колку се оценува за проблемаична политката на Вилдерс, подвлекува историчарот.

Со оглед на лошите оценки кои двете земји ги добија од ЕК, се поставува прашањето - дали тие сепак не биле примени во ЕУ прерано? „Можеби тогаш сепак бевме наивни“, вели Франц Лотар Алрман „и бевме пребрзи“. Во меѓувреме може да се забележи дека видливо опадна еланот за реформи, дополнува Алтман.

Процесот на трансформација во средна и источна Европа се’уште не е завршен. Европската комисија притоа може да поттикнува општествени промени преку мониторинг, разговори со одговорните политичари и закани со санкции. На овој начин, како Виктор Орбан во Унгарија, така и Виктор Понта во Романија, повлекоа некои од нивните жестоко критикувани одлуки. И во Бугарија има знаци за тоа дека сериозно ќе се зафати со борбата против корупцијата и организираниот  криминал - потврда за сите оние кои веруваат тука станува збор за општества кои можат и имаат волја да учат, на патот кон модерна и функционална демократија.