1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Демократијата победи на изборите во Албанија

Парламентарните избори во Албанија минаа мирно и без поголеми нерегуларности. Околу можниот победник на изборите засега нема веродостојни информации.

default

Приврзениците на Сали Бериша почнаа со славење

На мирни, фер и демократски избори повикаа и главните соперници, актуелниот премиер и шеф на Демократската партија Сали Бериша и градоначалникот на Тирана и лидер на опозиционите социјалисти Еди Рама.

Ако може да им се верува на проценките на независните агенции за испитување на јавното мнение, тогаш изборниот сојуз на актуелниот премиер Сали Бериша е во благо водство. ТВ станицата Клан синоќа дури јави дека врз основа на спроведените анкети на избирачите по гласањето, партијата на премиерот Сали Бериша ќе добие околу 75 од вкупно 140 места во новиот состав на парламентот. Опозиционите социјалисти на Еди Рама би можеле да освојат околу 60 пратенички места. Слични се проценките и на институтот „Гани Боби“, како и на американскиот институт „Зогби“, кои меѓутоа предвидуваат потесна победа на Демократската партија.

Wahlen in Albanien

Рама: да не се избрзува

Лидерот на Социјалистичката партија Еди Рама ги отфрли ваквите прогнози како неверодостојни и ги повика граѓаните да ги причекаат официјалните резултати од Државната изборна комисија. Наспроти неговите апели, приврзаниците на премиерот Бериша уште синоќа почнаа да ја слават победата со огномет, танци и автокорзо низ главниот град.

Она што е најважно, е тоа што изборите минаа мирно и без поголеми инциденти. Опозиционите социјалисти прво најавија жалби поради одделни нерегуларности, но подоцна шефот на партијата Еди Рама оцени дека изборите се’ на се’ минале фер и демократски. Најголем проблем е фактот што околу 250.000 од вкупно 3,1 милиони избирачи не можеа да го искористат правото, затоа што немаа нови лични карти и пасоши. Одговорноста за тоа е кај владеачката партија, порача албанската опозицијата и обвини дека демократите на Бериша се обиделе на тој начин да манипулираат со изборите.

Премиерот, пак, синоќа порача дека на овие избори нема да загуби ниту еден Албанец, бидејќи се фер и слободни. Граѓаните на Албанија покажаа дека се зрели за ЕУ, нагласи Сали Бериша.

ГЧ/АТ/афп/дпа

Редактор: Жана Ацеска







DW.COM