1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Демократијата не функционира без храброст

Дебата во Скопје по повод 20 годишнината од падот на Берлинскиот ѕид и последиците од неговото уривање за Европа. Покрај македонскиот претседател Ѓорге Иванов, учесници беа неколкумина професори и интелектуалци.

default

Од денешната дебата

Берлинскиот ѕид беше симбол на заробениот ум, на ограничувањето на правата и слободите на граѓаните, на срамот, поделбата и недовербата меѓу земјите во Европа. Неговото паѓање значеше крах на комунизмот, крај на студената војна, обединување на Европа, можност за ширење на демократијата и слободата, се согласија учесниците на денешната (09.11.2009) трибина по повод 20-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид, одржана во претседателската вила „Водно“.

Претседателот Ѓорге Иванов и неколкумина универзитетски професории интелектуалци дебатираа и за последиците од уривањето на ѕидот за европските земји, но и за Балканот и Македонија.

Шефот на македонската држава смета дека одредени проблеми со кои се соочува денеска земјата се резулатат на студената војна, на неможноста или немањето желба политичките структури и инстутуции навреме да реагираат во моментите кога се насетуваше падот на комунизмот, како и целосно да расчистат со минатиот систем. Еден од нив, според Иванов, е и спорот со Грција околу името на Македонија.

„Една од причините за студената војна беше и граѓанската војна во Грција. Мислиме дека реториката која сега се користи од нашиот сосед, а е од тоа време и е одраз на недоверба, треба да се напушти. Тие треба да сфатат дека се што правиме е во духот на она што е перспектива и иднина на овој регион“, истакна Иванов.

Тој смета дека и покрај таквата реторика, постоењето недоверба и страв кој го пренесуваат одредени политичари, двете општества покажале многу поголем разум и зрелост со тоа што во изминатите години постојано комуницирале. Според Иванов, средбата со грчкиот претседател Каролос Папуљас, што ја иницираше минатата недела, би била потврда, но и пример за градењето доверба меѓу двете земји, особено ако, како што рече, се земе предвид фактот дека 18 години немало средба на претседателско ниво.

Регионот мора да се отвори

Тој смета дека на Македонија не може да и‘ се наметнуваат кфалификации дека е затворена, поради тоа што земјата секогаш се залагала за добри и пријателски односи со сите.

„Регионот треба да се отвори, лидерите само треба да го промовираат она што веќе постои“, рече Иванов. Отворениот Балкан интегриран во Европа, за него е единствена опција која ќе овозможи мир и стабилност и перспективи на сите земји.

Доцнењето на Македонија да го фати приклучокот по падот на Берлинскиот ѕид и веќе да биде дел од ЕУ и НАТО, иако тогаш имала подобра стартна позиција од повеќе земји кои беа зад железната завеса, за дискутантите е одраз на тоа што во земјата немало доволно критична маса, волја, желба или знаење тоа да се направи.

„По падот на комунизмот и стариот систем во Македонија добивме систем со стара инфраструктура, која не можеше да го развива новиот, туку му создаваше гангрена која не можеме подоло време да ја исчистиме. Можеби тоа ќе го направиме со лустрацијата“, рече Иванов.

Тој додаде дека доцнењето е резултат и на тоа што Македонија не умеела да направи саморелекција, односно за себе да зборува преку сопствените сознанија, а не, како што рече, преку историјата создадена за да може да опстане СФРЈ како братска држава.

„Не‘ забави и се‘ уште не забавува затворениот ум, тоа што го наследивме од минатото, таа гангрена што се‘ уште е присутна кај секој од нас, што не ни‘ дава критички да размислуваме и храбро да делуваме. Демократијата без храброст не може да функционира, а тоа е она што ние се‘ уште го немаме. Немаваме ни доволна свест за она што се случуваше. Од 1990 наваму имавме систем кој не сакаше да расчисти со претходниот, односно со наследството од комунизмот, а не да се гради нација и држава туку да се задржи власта“, рече Јован Донев.

За професорот Бранислав Саркањац она што Македонија, но и земјите од регионот можат да го научат од падот на Берлинскиот ѕид е дека треба да градат меѓусебна доверба, која го урна ѕидот, симболот на поделбата и срамот.

Автор: ЕМФ/БГ/миа