1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Демократијата во светот е во дефанзива

36 насто од светското население живее во неслободни држави, се оценува од најновиот извештај за „Слободата во светот 2008“ на американската организација „Фридом хаус“. Но, критички поглед треба да се сврти и кон Западот

Во најновиот „атлас на слободата“ „Фридом хаус“, организација од областа на политичките науки, која се смета себе си за чувар на демократско-либералните достигнувања ширум светот, констатира глобална дефанзива на демократијата како општествен модел и систем на власт, наод што мора да загрижи и отвора прашања.

Драматично опадна почитувањето и практичната примена од оние што се на власт на демократски вредности како слободни избори, независни медиуми, правна држава, слобода на собирите. Најдолу на листата се Куба и Северна Кореја, Либија, Судан, Бурма, Сомалија, Туркменистан и Узбекистан, тука се и Пакистан, Египет, Сирија, Тунис, Нигерија...

Голема палета на кршења на демократијата

Режимите се однесуваат автократски, опозицијата е под притисок, изборите се само про форма слободни, владее култ на личноста или непотизам, војската непосредно придонесува за угнетување, поборниците за човекови права се на удар на прогонот. Накратко, демократијата - онака како што се сфаќа и практикува во Европа и САД - очигледно во многу региони на светот не е сама по себе разбирлива, како што радо би сакал Западот. Напротив, се ’ почесто претставници на засегнатите држави нагласуваат дека западниот модел е во спротивност со нивните сопствени вредносни претстави и традиции, соодветните апели ги сметаат како мешање во внатрешните работи или воопшто не ги регистрираат. Со извесна оправданост тоа може да им се стави на товар на тамошните одговорни политичари.

И Западот одговорен за демократските дефицити во светот

Но, може и отворено и самокритички да се постави прашање и за други причини. Оти, зад загрижувачкиот наод, како главно прашање стои проблемот на загубената веродостојност на Европа и САД. Во овој контекст мора да биде спомнат воениот поход во Ирак започнат од Американците - не може ни до крај да се процени неговото фатално влијание во регионот и пошироко. Воспитување за демократија никаде не функционира преку бомбардирања. Со недоволно почитување на тамошните традиции не се поттикнува респект и толеранција. Социјалниот и економски развој не растат во сенка на политика на велесила водена од економски интереси.

„Фридом хаус“ го лансира поимот „прагматични диктатури“ како поим за држави како Русија и Кина. Западните демократии премногу лесно се задоволуват со формулата „капиталистичко стопанисување, авторитарно владеење“. Уште повеќе што некои од посебно сомнителните режими располагаат со енергетски ресурси, толку барани од индустриските држави.

Вредности што се бараат од други, мора да се почитуваат и дома

Кој пропагира демократија, би требало по можност да не е заплеткан во сопствени противречности. ЕУ ги олабави санкциите спрема Узбекистан, иако таму навистина не може да стане збор за внатрешно-политички напредок. Во касата на кениската влада се слеваа пари од развојна помош и во време кога таму беше применета сила против опозицијата која протестираше. Тоа е таа контроверзност, што ја прави неверодостојна западната демократија во очите на многумина луѓе во светот.

Конечно, и поборниците за демократски вредности мора постојано наново да се прашаат дали и самите живеат според вредностите врз чие придржување кај другите толку строго инсистираат.

Поврзана содржина