1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Демократијата во Индија пред големи предизвици

Индија денеска (15.08) ја слави 66. годишнина од независноста. Земјата со над милијарда жители радо ја носи титулата „најголема светска демократија“. Во реалноста таа е загрозена од меѓуетнички и религиозни конфликти.

Нападот до темел ја потресе Индија. Повеќе високо рангирани политичари се враќаа од еден предизборен собир во мај годинава, кога беа нападнати од бунтовниците маоисти. Иако политичарите патуваа во конвој и со полициска заштита, убиени се 27 од нив, а во вистинскиот дожд од куршуми неколку десетици беа повредени. Тоа се случи во сојузната држава Чатисгар, каде бунтовниците уште во 2010. година, во внимателно планиран напад, убија над 70 полицајци.

Опасност од внатре

Индискиот премиер Манмохан Синг тврди дека маоистите се најголема закана за безбедноста на земјата. Тие се посебно силни на истокот на земјата, во сојузните држави Џаркхенд и во Западен Бенгал, но и во централен Чатисгар, како и на југ, во државата Анта Прадеш. Борби се водат во вкупно 9 сојузни држави. Според податоците кои ги има власта, маоистите имаат 20.000 вооружени борци и околу 50.000 луѓе кои би можеле да се вклучат во борбите, а невладините организации проценуваат дека веќе 10.000 луѓе загинале во терористички напади.

Маоистите тврдат дека веќе 40 години се борат за правда, за сиромашните и отфрлените, пред сѐ за „недопирливите“- најниската каста во Индија, како и за група древни староседелци во таа земја. Бунтовниците главно дејствуваат во неразвиените региони, во оние делови во земјата кои немаат видено многу полза од економскиот развој, бидејќи токму во тие предели имаат најмногу симпатизери.

Индијците сметаат дека политичарите не ги сфаќаат сериозно, вели познатиот социолог Јогендра Јадав од Њу Делхи: „Многу одлуки кои се донесуваат на највисоко ниво се бесмислени за обичните луѓе. Тие имаат чувство дека тие одлуки, кои по правило стигнуваат од големите градови, немаат никаква врска со реалноста, мислат дека никој не ја разбира нивната секојдневна мака“, вели Јадав. Во Индија, две третини од населението сѐ уште живее на село, а поголемиот број од нив се занимава со земјоделство.

Тероризам и сепаратизам

Стручњаците како Јадав сметаат дека и политичарите се донекаде виновни за нападите и за немирите во земјата. Индија е втора најнаселена држава во светот, во неа живеат 1,2 милијарди луѓе со многу различни култури, народности и религии. Големите партии тој факт го користат, особено во предизборните кампањи. Тие се обидуваат да ги мобилизираат тие групи за да добијат гласови. Така се разгоруваат и религиозни конфликти, како оние меѓу хиндусите и муслиманите, но и оние на национална основа. Имено, на североистокот на Индија живеат етнички групи кои и’ префрлаат на централната влада дека не се интересира за нивниот животен стандард, туку само за суровините на тие територии. Таму се формирани и сепаратистички движења.

Корупција и биократија

Демократскиот систем во Индија го загрозува и корупцијата, како и преголемата администрација. Поранешниот премиер Раџив Ганди уште во 80-те години од минатиот век изјави дека се крадат околу 90 проценти од сите владини фондови за развој на земјата. Последниот скандал беа Игрите на Комонвелтот во 2010. година, кога дури и министри беа вмешани во корупциската афера. „Проблемот е во тоа што корупцијата е длабоко вкоренета во свеста на луѓето. Тие веруваат дека без поткупување ништо не може да се направи“, објаснува поранешниот државен секретар Мадхукар Гупта. Тој беше на функција во текот на Игрите во 2010 година.

Огромната бирократија ги кочи реформите, а тие реформи се итно потребни, тврди Гупта. Двете најголеми партии - Индискиот народен конгрес, кој е на власт и БЈП, моментално во опозиција, зависат од помалите коалициски партнери. Сепак, Гупта е оптимист: „Секој политичар во Индија се обидува да ја заштити својата положба. И покрај тоа, верувам дека добрите идеи и добрите одлуки можат да се спроведат дури и со ваков ситем.“

Долг пат до реформи

Поранешниот политичар Мадхукар Гупта нема рецепт за промена на системот. Според него, најважно е луѓето да се образуваат и да се унапредат и зафрлените села. Во некои места сѐ уште нема струја. „Технолошкиот напредок ќе создаде и подобра транспарентност, системот ќе може побрзо да реагира, а одлуките побрзо ќе се спроведат.“ Но социологот Јогендра Јадав смета дека тоа може да потрае. „За да се спроведе поинаква политика и да се променат правилата на политичкиот процес, неопходно е најпрво приклучување во системот. Неопходна е победа на изборите. Тоа звучи контрадикторно. Но токму во тоа лежи предизвикот, ако сакаме поинаква политика.“