1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Демократите пред изборно фијаско!?

Во САД се одржуваат избори за Конгресот. Ќе се гласа за места во Претставничкиот дом, за една третина од стоте сенатори и ќе се избираат нови гувернери. Според анкетите, Демократската партија ќе претрпи голем пораз.

default

Претседателот се бори за секој избирачки глас

Иако името на Барак Обама овојпат не се наоѓа на избирачкото ливче, денешните парламентарни избори во САД се сметаат за еден вид референдум за неговата политика. Анкетите покажуваат рекорден пад на популарноста на американскиот претседател. Сепак, тој уште еднаш ја употреби сета своја политичка моќ за да ги мобилизира гласачите, кои пред две години му помогнаа да се всели во Белата куќа. Во изминативе месеци американскиот претседател учествуваше на стотина митинзи, меѓу кои и последниот во предизборбната кампања во Чикаго. Досега демократите располагаа со убедливо мнозинство во Претставничкиот дом, меѓутоа по денешните избори тоа ќе се промени. Се очекува републиканците

USA Parteien Republikaner und Demokraten Logo Elefant und Esel

Републиканците против демократите

значително да добијат на сила и во Сенатот. „Морате да излезете на избори и морате да се погрижите и другите да излезат на гласање. Ако сите оние кои во 2008 година се бореа за победа сега повторно се ангажираат, ќе ги добиеме и овие избори“, порача Обама.

Имајќи ги предвид најновите анкети, веројатноста да се оствари неговата желба е мала. Според истражувањето на јавното мислење, спроведено од американскиот телевизиски канал СиЕнЕн, 55% од Американците ќе гласаат за републиканците, додека 40 проценти за демократите на Обама. Според експертите, причината за ова е што Обама и демократите во изминатиот период акцентот на својата работа го поставиле на погрешно место. Тие сега ја плаќаат цената за тоа што изминатата година не се концентрираа на опоравување на економијата, туку беа преокупирани со заштита на животната средина и реформите во здравството, нагласуваат познавачите на состојбите во САД.

„Ти парти“ против политиката на демократите

USA Wahlen Republikaner Tea Party Sarah Palin

Сара Пелин и движењето „Ти парти“

Печат на годинешната предизборна кампања и` даде движењето „Ти парти“, кое работи во полза на републиканците. Нивната цел е да ја претстават актуелната влада на демократите како непријателска кон граѓаните, речиси како за време на колонијализмот пред двесте години. Сара Пелин, поранешната кандидатка за потпретседател на САД, се претвори во заштитно лице на новото движење: „Да се држиме заедно, со гордост. Да ја обновиме Америка“, повикува Пелин за време на митинзите, организирани од „Ти парти“. Дали тоа ќе биде доволно за републиканците да го преземат и Сенатот - останува да се види. Според досегашните анкети, демократите најверојатно ќе го задржат мнозинството во повисокиот дом на Конгресот.

Автор: ТТ/ АТ/ дпа/ афп/ ртр/ дапд/ дв

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема