1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Деманти од Шредер и Блер за намери за германско-француско-британски "триумвират" во ЕУ

Германија, заедно со Велика Британија и Франција, планира офанзива во стопанската политика во ЕУ. Ова беше една од темите за кои синоќа во Берлин разговараа канцеларот Герхард Шредер и британскиот премиер Тони Блер. Конкурентната способност ќе биде централна тема во ЕУ, рече канцеларот Шредер. На кусата прес- конференција по средбата акцент беше ставен на забелешките дека трите земји сакаат со еден вид директориум да ја определуваат политиката на ЕУ, како и на ангажманот на меѓународната заедница во Ирак и Авганистан.

Герхард Шредер и Тони Блер демонстрираа единство, дури и во спорните прашања како војната во Ирак. "Заеднички сметаме дека нема смисла да се обработува историјата и да се дискутира за различните позиции во однос на неопходноста на таа војна, туку дека задача за обајцата е да помогнеме да успее процесот на демократизација и обнова на Ирак. Вие знаете дека Германија е подготвена да даде придонес, што на премиерот нагласено јасно му го ставив на знаење". Канцеларот Шредер не објасни како поточно ќе изгледа германскиот придонес, покрај хуманитарна помош и обука на ирачки полицајци. Зад кулиси, германската влада се' уште размислува дали и во каква форма би учествувала во можен ангажман на НАТО во Ирак. Во тој поглед Тони Блер не постави никакви барања од германската влада: "За учеството мора да реши самата Германија, нејзиниот парламент".

Блер му оддаде признание на Бундесверот за ангажманот со 2 илјади војници во Авганистан, каде британски војници се борат против Талибанците и Ал Каеда: "Тој придонес е енормно важен за Велика Британија, САД и другите сојузници".

Канцеларот, пак, нагласи: "Обајцата сме на мислење дека улогата што може и ќе ја игра НАТО е важна. На премиерот му појаснив дека Германија ќе го продолжи својот ангажман на долг рок, зашто таму навистина станува збор за борба против меѓународниот тероризам".

За Авганистан ќе се разговара и на претстојната средба на Шредер и Блер со францускиот претседател Ширак наредната недела во Берлин. Италијанската влада, а и претставници на помали држави на ЕУ предупредија од создавање германско-француско-британски "директориум" или "триумвират". На ова Тони Блер одговори: "Мислам дека е важно да се сфати оти ова воопшто не е обид да се креира некаков директориум во Европа...Важно е дека ние се обидуваме на разни проблеми заеднички да работиме и тоа во никој случај не е исклучување на другите земји".

Блер ја бранеше и иницијативата на трите земји за нови, помали и помобилни европски трупи за брза интервенција.