1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Деловната етика - тест и за компаниите и за државата

Компании што градат препознатлив бренд и инвестираат во луѓе и опрема, ја почитуваат деловната етика. Тие не смеат да си дозволат заради краткорочна заработка да ја компромитираат својата иднина, укажуваат експертите.

Некои македонски компании не ја искористија на најдобар начин најавуваната шанса за поголем влез на европскиот пазар преку зголемен извоз во нејзината нова членка - Хрватска. Токму од Хрватска во ноември беа вратени 35 тони краставици извезени од две македонски фирми, поради голема концентрација на пестициди во кои доминира хемиското соединение хлорпирифос, што според научни сознанија, предизвикувало пречки во развојот на децата. Веста за вратениот контингент ја објавија и медиуми во други земји од регионот, во кој Македонија досега важеше за земја со гарантиран квалитет на земјоделските производи. Иако македонската инспекција ги казни компаниите извознички со едногодишна забрана за работа и парични казни, најголема казна може да биде изгубената доверба кај земјите - увознички. Хрватскиот министер за економија, Иван Врдољак, на неодамнешната средбата со неговиот македонски колега Ваљон Сараќини, се обиде со дипломатски речник да ги ублажи последиците од оваа епизода.

„Со влегувањето на Хрватска во ЕУ се зголемуваат и стандардите за стоките кои се увезуваат. Инспекциските служби си ги вршат своите работи и ако откријат неправилности, стоката се враќа. Сепак тоа не може да биде тренд за сите стоки кои доаѓаат од Македонија во Хрватска. Поединечни, инцидентни случаи, не можат да влијаат на одличната соработка“, рече Врдољак.

Без генерализирање на оценката

Но, оваа изјава на хрватскиот министер не го затвори прашањето - каков е деловниот морал на македонските компании? Арбен Халили, извршен директор на Стопанската комора на северозападна Македонија вели дека секогаш ќе има моменти кога некоја компанија ќе биде идентификувана како субјект кој не ги исполнува очекувањата нa потрошувачите, но тоа не треба да се зема како генерален показател за сите други.

„Општествената одговорност и деловниот морал кај компаниите во Mакедонија се нa ниво на кое што се наоѓа и развојот на општеството. Иако одвреме навреме се случува некој неприфатлив инцидент околу квалитетот на производите за извоз, таа оценка не смее да се генерализира за севкупниот број претпријатија во земјава. Голем дел од нашите компани се доволно развиени за да делуваат на македонскиот пазар, но кога се работи за поширок пазар, треба да бидат свесни дека извозните правила се поригорозни. Затоа, крајно време е компаниите да се посветат повеќе на развојни програми и примена на бараните стандарди кои ќе им отварат нови врати, а тоа најлесно може да го направат и преку искористување на фондовите од ИПА програмата. За жал, се покажавме како неефективни во искористување на овие слободни финансиски средства наменети за развој. И Владата мора да преземе конкретни чекори за да му помогне на стопанството преку економски развојни програми, а зошто да не и со програми за зголемување на општествената одговорност на компаниите? Сите мора да бидеме свесни дека само преку квалитет ќе ја постигнеме целта“, укажува Халили.

Спорните краставици уште не беа вратени во Македонија, а веќе уште една македонска компанија се најде во фокусот на вниманието на Загреб. Хрватските медиуми објавија дека македонска градежна компанија е инволвирана во случај на извлекување и перење десетици милиони евра од јавното претпријатието „Хрватски автопатишта“. Во случајот била вмешана и австриската компанија „Алпине Бау“, која во јуни објави банкрот и во Македонија остави недоизградени проекти вредни над 30 милиони евра. Споед хрватскиот дневен весник „Јутарњи лист“, македонската компанија морала да плати 340.000 евра за да ја добие работата на една делница и да добие ветување дека редовно ќе и‘ биде плаќано за извршените градежни работи. За истото австриската компанија „Штрабаг“ платила 600.000 евра. Парите ги плаќале на сметката на компанијата „Реморкер“, регистрирана во Чешка, за наводно добиени консултантски услуги. Од домашната градежна компанија не одговорија на барањето да ги коментираат или демантираат наводите во хрватските медиуми. Од МВР досега не биле контактирани од хрватските органи во врска со овој случај, а австриската Сојузна канцеларија за борба против криминал, заедно со хрватските власти започна истрага, во која се уапсени најмалку тројца директори и четворица поранешни државни функционери.

„Заразно“ однесување

Сашо Арсов, професор на Економскиот факултет на УКИМ, вели дека неетичкото деловно однесување не е проблем само во помалку развиените земји. Одвреме-навреме се појавуваат и афери поврзани со корупција или индустриска шпионажа и во високиот бизнис во западноевропските земји.

„Почитувањето на деловната етика се гледа во тоа во колкава мера се искористуваат т.н. дупки во законите, односно сиви зони кои не се докрај регулирани. Нема ниту една земја во која со закони е покриена секоја педа од деловните активности. Тука треба да настапи етиката, која е збир од непишани правила. Дури и да ги препишеме сите закони од развиените земји, повторно ќе има разлики во однесувањето на компаниите, исто како што ги има и во други земји. Проблемот на неетичкото деловно однесување кај нас е особено присутен во доменот на плаќањето на обврските. Компании свесно го избегнуваат плаќањето на обврските, не водејќи сметка дека со тоа вовлекуваат и други компании во проблеми. Истото се однесува и на влегувањето во долгови, иако однапред е јасно дека истите тешко ќе можат да се покријат. Познати се случаи на бизнисмени од пред десетина години, кои отвораа и затвораа компании полни со долгови, а својот имот го префрлаа во нови. Банките известуваат за сопственици на огромни лични имоти, а нивните компании одат во стечај и банките од нив не можат да наплатат ништо. Лошо е што таквото однесување е ’заразно’. Луѓето гледаат едни од други. Правилото 'се што не е забрането е дозволено' многу лесно се претвора во 'се што не е забрането треба да се проба'“, објаснува Арсов.

Autobahnbau in Afghanistan Flash-Galerie

Прашањето е - може ли во таква ситуација да се изгради квалитетен македонски бренд и во смисла на компанија и во смисла на производ?

„Оние што гледаат на кус, па и среден рок, си дозволуваат неетичко однесување. Оние што имаат визија за развој на бизнисот на долг рок - не можат. Кај компанија што гради препознатлив бренд, компанија што инвестира во луѓе и опрема, не се јавува проблем во деловната етика. Тие не смеат да си дозволат заради краткорочна заработка да ја компромитираат својата иднина. Бизнисмени кои работат со повеќе свои компании истовремено, при што една се згаснува, а друга се отвора, се сериозни претставници на неетичко однесување“, вели Арсов.

Последното глобално истражување на меѓународна фирма за вработување спроведена на 134.000 вработени од 29 земји, покажало дека компаниите што се карактеризираат со силен деловен морал кај 67 отсто од испитаниците поттикнале поголема ангажираност од нивна страна во работењето и покрај неизвесностите предизвикани со пад на профитот или можноста за отпуштања. Исто така, речиси 70 отсто од испитаниците не се осмелиле да започнат бизнис поради нискиот деловен морал на потенцијалните партнери.