1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Делисо: „Откако Косово ќе стане независно, Албанците ќе се борат меѓу себе за превласт“

Кристофер Делисо, директор на интернет порталот „Балкански анализи“, патеписец и политички аналитичар, во интервју за ДВ зборува за развојот на ситуацијата на Балканот во зависност од решението за Косово.

default

Претстојните неколку месеци се исклучително важни за Балканот. Каков расплет на настаните што следат очекувате?

Делисо: „Деновиве читам многу истириски книги од периодот пред сто години, за македонската и за турската револуција, за Австроунгарија и за Босна и Херцеговина. Сите оние настани кои се случувале една по друга, се‘ до првата светска војна. Не сакам да кажам дека нештата сега се во слична ситуација со тогашните, некои работи навистина се случуваат само еднаш, но сметам дека работите се прилично нормални, секој е преокупиран со секојдневието така што не сум сигурен дека луѓето овде се свесни дека живеат во исклучително важен историски период и дека настаните што сега се случуваат ќе имаат огромно влијание врз иднината. Не знам дали луѓето кои живеат на овие простори, и не само тие, туку и странските дипломати, имаат чуство за одлуките што ги носат. Веројатно на Косово, откако тоа ќе стане независно, Албанците ќе се борат меѓу себе за превласт. Долго време додека немаа независност сите албански политичари имаа една платформа, тие мораа да им ветуваат на луѓето дека Косово ќе стане независно, но откако тоа ќе се случи тие ќе мораат да зборуваат за економските проблеми, за социјалните проблеми. Мислам дека тогаш тие ќе се свртат еден против други. Таму веќе нема доволно Срби за да предизвикаат нови насилства, но доколку албанските партии се спротивстават на религиозна основа, тогаш тоа може да предизвика некаква дестабилизација.“

Какви импликации би имало тоа за Македонија, што би можело да се случи овие денови?

Делисо: „Не знам дали тоа би се рефлектирало и во Македонија. Македонците се изјаснија дека ќе се согласат со независноста на Косово. Тогаш би имале ситуација кога Србите би ги прекинале дипломатските односи со секоја земја која би ја признала косовската независност. Ако одлучат тоа да го сторат со нивните најблиски соседи, како што е Македонија, тогаш мислам дека тоа би било полошо за Србија, а луѓето би биле повеќе наклонети кон Македонија.“

Како Македонија да гради добри односи со Приштина, а да не го налути Белград?

Делисо: „Тоа е многу тешко, многу многу тешко. Дипломатите овде се обидуваат да направат нешто, да ја прикажат ситуацијата онаква каква што е, дека Македонија, во основа, треба да го направи она што и` го налагаат САД и ЕУ. Мислам дека Србите се премногу емотивни и дека не можат да ја сфатат ситуацијата, дека Македонија мора очигледно да го прави она што и` е кажано затоа што е мала земја. Но, како што реков, луѓето во целиот свет треба да бидат свесни зошто се следат политиките на САД и ЕУ. Треба исто така да се потсети и на ситуацијата во 1999 година, кога Македонија прифати 400 илјади косовски бегалци, да се нагласи аспектот на човековите права, создавањето мултиетничка држава. Мислам дека на Македонија ќе и‘ треба уште поголема меѓународна поддршка. “

Мислите ли дека решавањето на косовскиот проблем би значело и конечно затворање на Балканот како светска тема?

Делисо: „За мене ова е прашање на суета на моќните меѓународни фактори. Тие веруваат дека знаат се`. Доколку ја читате историјата, ќе видите дека за секое прашање западните дипломати велат дека тоа е конечно решение, сега ќе има мир. Токму поради нив, а не поради луѓето кои живеат овде, тоа никогаш не се случило, бидејќи секогаш се појавува некој поголем моќен фактор, кој му се спротивставува на другиот. Во случајов, тоа се САД, Русија, ЕУ. Тоа се страни кои застапуваат различни интереси, така што, многу сум сигурен дека косовската криза ќе се реши, но не мислам дека ќе има трајно решение. Мислам дека на Балканот ништо не е статично, без разлика на тоа колку многу обиди се прават за да се решат работите, но проблемот е што тоа е краткорочно решение – за пет или десет години. Доколку погледнете што се случуваше изминатите 150 години, ќе забележите колку многу пати се променети границите, се` се менува на секои триесетина години. Така што мислам дека ова не е крај на балканското прашање, а луѓето не би требало ниту тоа да го очекуваат. Ако на изборите во САД победат демократите, без разлика дали претседател ќе стане Хилари Клинтон или Барак Обама, демократите ќе се вратат на Балканот, каде што многу влијаеја во деведесетите, ќе мора да се соочат со меѓународно решение, како на пример во Ирак или Авганистан, каде што тамошното население немаше никакви шанси за победа, така што тие повторно ќе се свртат кон Балканот и ќе ги наметнат своите решенија. Така што можам да гарантирам дека ќе биде ,,забавно“ и ќе има уште игри наредните неколку години. “

Дали мислите дека независноста на Косово ќе донесе поголема стабилност во овој дел на Европа или пак ќе ги разбуди желбите на одредени радикални структури за нови граници? Делисо: „Тоа не се однесува само на Косово, туку и на Македонија. Но, колку е таа поблиску до НАТО толку помали се шансите за да дејствуваат радикалните сили. Но, сето тоа зависи од многу работи кои што е многу тешко да се предвидат. Доколку Косово во основа делува независно, како што е и сега, тоа е само прашање на официјална потврда на независноста. Но, изгледа дека постои проблем кој што официјалните дипломати не го знаат - тоа е реалноста, случувањата на теренот, во локалните општини и институции. Луѓето кои што работат таму на секои шест месеци на официјалните авторитети кои доаѓаат во посета ќе им го кажат она што тие сакаат да го чујат, потоа ќе ги завршат извештаите мислејќи дека знаат повеќе за состојбата отколку што навистина знаат. Разликата помеѓу политиката во Вашингтон или Брисел и реалноста на теренот е многу голема. Н,о тие ги бираат своите партнери, локални политичари кои ја спроведуваат нивната политика и така се создаваат недоразбирања и проблеми.