1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Деликатни контакти - Доналд Трамп Јуниор и Викиликс

Најстариот син на Доналд Трамп за време на изборната кампања контактирал со платформата која објави хакирани имеили од Хилари Клинтон.

Уште едно откритие во руската афера на американскиот претседател Доналд Трамп -  неговиот најстар син за време на претседателската изборна кампања во САД бил во контакти со Викиликс. Трамп Јуниор самиот објави повеќе информации кои ја потврдуваат комуникацијата, обидувајќи се да го минимизира нејзиното значење. Неговата реакција следи откако магазинот „Атлантик“ објави извештај за содржината на информациите. 

Новостите се пикантни, со оглед на улогата што ја одигра Викиликс за време на претседателската изборна кампања, кога објави хакирани имеили од таборот на Демократската партија. Хилари Клинтон како претседателска кандидатка претрпе значителна штета. Американските тајни служби ја обвинуваат руската влада дека ги влечела конците во вршењето хакерски напади.

Дел од разоткриените информации потекнуваат уште од времето кога платформата Викиликс сѐуште ги немаше објавено украдените имеили од шефот на изборниот штаб на Клинтон, Џон Подеста. Викиликс во една од информациите советува Трамп во случај на пораз, да не го признава, туку да вложи жалба. Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж првично на Твитер напиша дека не може да ги потврди информациите, но откако Трамп Јуниор ги објави, тој изврши нивно натамошно проследување.

Најстариот син на Доналд Трамп се наоѓа во деликатна ситуација,  зашто и без тоа се најде во фокусот на руската афера. Во јули годинава тој беше принуден да признае дека за време на претседателската кампања се сретнал со руска адвокатка, со која се согласил да разговара по понудата да добие компромитирачки материјал за Клинтон.

Аферата околу можното влијание на Русија врз американските претседателски избори е предмет на истрага на повеќе комисии во Конгресот, а за нејзино расветлување е именуван и специјален обвинител.

 

DW.COM