1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Деликатни зделки со оружје со Израел

Дали Израел ги опремува добиените германски подморници со атомско оружје? Германската влада веројатно знае многу повеќе отколку што признава. Германските подморници, инаку, се извозен шлагер.

Германија ги лиферува подморниците, а што прави Израел со нив натаму е негова работа, е с‘ржта на владиното објаснување од Берлин по извештајот во магазинот „Шпигел“. Тој тврди дека Израел ги воружува со атомски боеви глави подморниците изградени во Германија.

„Со помош на поморска техника од Германија на Израел му успеа да создаде пловечки арсенал со атомско оружје“, пишува „Шпигел“. Германската влада тоа не сака да го коментира: испораката на подморниците се врши без оружје, изјави портпаролот Зајберт во Берлин, не сакајќи да учествува во „шпекулации за можното подоцнежно вооружување на подморниците“.

Јавни тајни

Јавна тајна е дека Израел поседува атомско оружје, но темата е табу и во самиот Израел. Официјалната линија на владата е: „Ниту демантираме, ниту потврдуваме“.

Но, аналитичарите во овој контекст зборуваат за „бомба во подрумот“. Тие сметаат дека Израел располага со над 200 до 300 атомски боеви глави на својата државна територија. Атомски вооружените подморници на Израел му овозможуваат да реагира на нуклеарен напад на своја територија. Ако Израел официјално признае дека поседува атомско оружје, сојузниците би требало да излезат со став на таа тема. Но вака, тие можат да бидат воздржани, како германската влада во случајов.

Германската влада го правда испорачувањето на подморници на Израел со посебниот придонес на Германија во безбедноста на Израел.

За германската влада одговорноста оди дотаму, што субвенционира еден дел од трошоците, односно израелската влада е ослободена од дел од парите. Подморниците од типот Долфин се специјална нарачка, приспособени на воените потреби на Израел. Дали се врши испорака и на посебни носечки системи за атомски боеви глави, е тајна.

И покрај проблематичната ситуација на Блискиот Исток, досега ниедна германска влада, без разлика на нејзиниот состав, не се воздржала од испорака на подморници на Израел.

Од овие државно помогнати дилови профирита германската индустрија за производство на оружје, пред се‘ фирмата за изработка на бродови и подморници, Ховалдтсверк дојче верфт од Кил. Според проценката на вредноста од 400 милиони евра по парче, секоја порачана подморница е голема нарачка. До 2017-та година, Германија ќе му испорача на Израел уште три подморници.

Германски извозен шлагер

Германија своите подморници инаку, ги продава насекаде во светот. Посебно подморницата на поморската фирма Тисен-Круп марине системс од Есен со погон на горивни келии е модел кој е баран во странство. Покрај високозадолжената Грција, го порачаа и Португалија, Турција, Израел и Јужна Кореја. Зделката со Пакистан пропадна. Колку и да се различни причините на одделни држави за нарачката, моделот У214 поентира пред се‘ со своите квалитети. Оваа подморница со недели може да оперира под вода за разлика од генерациите на дизел погон, кои редовно мораа да испливуваат на површина заради акумулација свеж воздух. Подморниците денеска имаат широк спектар на задачи и примена, не се само реликвија од студената војна. Тие надгледуваат пристаништа, следат сомнителни трговски бродови или на пример, вршат електронско набљудување на радиокомуникациите на трети држави.