1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Делегацијата на ЕУ во Македонија остана без прв човек

Петер Соренсен од утре и формално ја презема функцијата на специјален претставник на ЕУ во Босна и Херцеговина, дознава Дојче веле од кабинетот на шефицата на европската дипломатија, Кетрин Ештон.

default

Наследникот на Петер Соренсен ќе биде познат наесен

На почетокот од неделава, Европската комисија немаше информација дали од почетокот на септември Соренсен ќе ја преземе новата функција.

Тоа значи дека делегацијата на Европската комисија во Македонија останува без прв човек. Од кабинетот на Ештон за Дојче веле информираат дека селекцијата на кандидатите е во тек и не ги откриваат имиња на можните наследници на Соренсен. Новиот шеф на делегацијата и специјален претставник на ЕУ во Македонија ќе се знаел оваа есен. Се шпекулира дека наследник на Соренсен ќе биде дипломатка од Словенија.

Соренсен кон средината на овој месец веќе ги имаше прошталните средби со македонскиот државен врв и од македонското раководство беше оценет како еден од најдобрите странски дипломати. Тој на почетокот од март годинава го замени претходниот евроамбасадор во Македонија, Ерван Фуере. 

Кусото задржување на функцијата во Македонија и заминувањето во Босна и Херцеговина, Кетрин Ештон го образложи со неговото целокупно искуство за земјата и за Балканот и дека тој е најдобро квалификуван за таа позиција.

Автор: Александар Методијев

Редактор: Трајче Тосев