1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Дезмонд Туту- неуморен борец за правда

Денеска во Лондон, Дезмонд Туту ќе ја прими престижната Темплтон награда. Овој 81-годишен Јужноафриканец е награден за својот придонес кон „љубовта и простувањето“

Дезмонд Туту беше преплавен со емоции кога во април беше објавена одлуката на Одборот за доделување на наградата Темплтон и скромно изјави: „Кога си во маса луѓе и кога ќе се истакнеш во неа, тоа е поради тоа што други те поддржале“.

Бискуп, помирител и борец за социјална еднаквост- Дезмонд Туту во својот живот имал бројни улоги. Стана познат во светот во почетокот на 80-те години од минатиот век благодарение на ангажманот во борбата против апартхејдот во Јужна Африка. Туту отворено говореше за неправдата, при што не ширеше омраза. На почетокот на 1991 година земјата беше буре барут. По децении угнетување на црното население, претседателот Фредерик де Клерк ги ослободи политичките затвореници како Нелсон Мандела и дозволи работа на нивните партии. И во оваа клучна фаза, Туту ги најде вистинските зборови: „Ќе бидеме слободни! Сите ние, и црни и бели заедно“.

Комисија за вистината

Роден во 1931 година, Дезмонд Туту по професија бил учител, но дал отказ откако владата одлучила на белците да им овозможи подобро образование.

Friedensnobelpreisträger Galerie

Дезмонд Туту при доделувањето на Нобеловата награда за мир во 1984. година

Потоа ја градеше теолошката кариера и стана прв англикански бискуп на Јоханесбург со црна боја на кожата, а потоа и кардинал во Кејп Таун. Политички постојано се бори за укинување на расните поделби и и' изразува симпатии на партијата на Нелсон Мандела, Африканскиот национален конгрес (АНЦ). Голем исчекор во борбата против режимот беше направен во април 1994 година на првите слободни демократски избори.

„Ова е неверојатен ден за сите луѓе. Притоа мислам на сите- и црните и белите. Од овој момент ние не треба повеќе да говориме за нелегална влада. Ова ќе биде нашата влада која ја избравме“, изјави Туту. По укинувањето на апартхејдот, Туту останува активен во јавноста. На молба на претседателот Мандела, ја предводи Комисијата за вистина и помирување која има задача да ги истражи злосторствата сторени во време на апартхејдот. Туту и Комисијата се обидуваат да пронајдат среден пат меѓу правдата на победниците и амнестијата. Притоа нивната главна заложба е за помирување и простување. „Да се отворат раните и да се исчистат, за да не загнојат“, велеше Туту.

Против дискриминацијата и неправдата

Südafrika Nelson Mandela erhällt Rapport der Wahrheitskommission von Tutu

Со Нелсон Мандела

Во наредниот период отворено се спротивставуваше и на воената интервенција во Ирак, како и на дискриминацијата на Палестинците од страна на Израел. „Израел никогаш нема да постигне мир и сигурност додека угнетува друг народ. Вистинскиот мир може да биде изграден само на темелот на правдата“, гласи една од неговите изјави.

Ја критикуваше и владата на АНЦ во Јужна Африка: поради односот кон авторитарниот режим во Зимбабве, поради неодлучната борба против СИДА-та и преплатените политички елити.

За својата ненасилна борба против апартхејдот во 1984. ја доби Нобеловата награда за мир. Наградата Темплтон со која се закитува, се доделува еднаш годишно на личности кои на посебен начин придонеле „кон јакнење на духовноста во животот“. Меѓу досегашните добитници се и Мајка Тереза и Далај Лама. Наградата е дотирана со 1,3 милиони евра.