1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Дедото Чарли Чаплин на цртежи и на тетоважа

Чарли Чаплин е легенда. Од него е фасцинирана и неговата внука Лора Чаплин. Љубовта кон дедо и’ таа ја изразува преку цртежи.

Во една галерија во Веве во Швајцарија 26-годишната девојка ги продава своите слики во цел свет.

„Го цртам дедо ми откако бев мало девојче. Кога порано дома доаѓаа гости, се обидував да им ги продадам сликите за два или пет франци“, објаснува Лора Чаплин.

Денес дел од нејзините слики се продаваат за повеќе илјади евра. Меѓутоа, тоа не била главна цел на Лора Чаплин.

Гледај видео 02:54

Лора Чаплин - внуката е фасцинирана од дедото Чарли

„Долго време се двоумев јавно да ги покажам моите слики. Се плашев дека луѓето би можеле да помислат дека сакам да профитирам од името. Но, тоа никогаш не беше мојата намера. Мојот дедо стравуваше дека еден ден ќе падне во заборав. Се надевам дека со моите слики ќе придонесам тоа да не се случи“.

Голема желба на Лора Чаплин и’ е нејзиниот дедо да продолжи да живее. Таа самата го овековечи нејзиниот Чарли со тетоважа на својата кожа.

„На 16 години нацртав една слика која мене многу ми се допадна. Сакав потоа да си ја истетовирам. Но, мајка ми не ми дозволи, затоа што бев премногу млада. Кога наполнив 18 години ја направив оваа тетоважа“, објаснува внуката на Чарли Чаплин.

Лора е горда што го носи презимето Чаплин. Знае дека дури и како Лора таа е малку и Чарли, сакала или не.

„Во училиште моите соученици ми се смееја и велеа - зошто не одиш како Чарли Чаплин?“

Сосема своја таа може да биде на хиподромот во близина на нејзиното место на живеење во швајцарскиот кантон Вале Лора Чаплин ја следи својата втора страст.

Charlie Chaplin the Kid

Внуката на Чарли Чаплин се родила десет години по неговата смрт

„Јавањето и сликарството отсекогаш биле дел од мене. Не можам да се откажам од нив. Двете работи ми се потребни да се чувствувам добро“, објаснува таа.

И уште нешто е од исклучителна важност за благосостојбата на внуката на Чарли Чаплин.

„Мојот дедо секогаш велел - ден без насмевка е загубен ден. Така размислувам и јас. Човек има само еден живот и затоа треба да ужива само во убавите работи“, вели Лора Чаплин, која всушност никогаш не го запознала нејзиниот дедо, затоа што се родила десет години по неговата смрт.

Аудио и видео прилози на оваа тема