1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Девет години затвор за кинески дисидент заради есеи

Суд во југозападна Кина го осуди дисидентот Чен Веи на деветгодишна затворска казна за објавување на продемократски есеи на интернет. Тој е еден од стотиците приведени под сомнеж за обид за рушење на власта во Кина

default

Зенг Јианвеи, адвокат на Чен, изјави дека судот во Суининг го осудил дисидентот и активист за човекови права поради „поттикнување на уривањето на државната моќ“.

„Диктатурата ќе падне, уставната демократија ќе преовлада“, изјавил Чен по читањето на неговата пресуда, информираше адвокатот. Сепак, осудениот се изјаснил за невин и рекол дека немал намера да поттикне рушење на режимот во земјата.

Иако есеите биле објавени надвор од Кина, судот смета дека тие имаат големо малигно влијание во Кина, иако мнозинството Кинези не можат ниту да ги прочитаат, реагираше сопругата на Чен Веи, Ванг Ксиаојан.

„Тие ги даунлодираа сите негови есеи објавени во странство, а човек не може да прочита еден од нив на веб страница внатре во Кина“, рече сопругата на осудениот. Кина блокира странски вебстраници, за кои смета дека се политички или социолошки неприфатливи.

42 годишниот Чен е еден од стотиците дисиденти, активисти за човекови права и организатори на протести кои се соочија со судски пресуди годинава, со кои владеачката Комунистичка партија се обиде да ги превенира потенцијални протести инспирирани од бунтовите во арапскиот свет. Многу од обвинетите за такви активности завршија или под полициски надзор или, пак, со затворски казни.

Чен беше еден од приведените Кинези во февруари поради сомнежи на полицијата за ширење на повици за антивладини демонстрации низ земјата. Неговиот адвокат објави дека тој не планира да ја обжали пресудата донесена во процесот што траел помалку од три часа.

„Тој не е виновен. Ја критикувал партијата и нема ниту еден закон што го забранува тоа“, рече вториот адвокат на Чен Веи, Лианг Киаојун.

Автор: Александар Методијев /афп/ројтерс

Редактор: Ж.Ацеска