1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Деветгодишнина од Охридскиот договор

Се навршуваат девет години од потпишувањето на Рамковниот договор со кој се постави рамка за меѓуетнички соживот во Македонија. Договорот има поддршка од меѓународната заедница и од поголем дел од партиите во земјата.

default

Вицепремиерот задолжен за спроведување на Охридскиот договор Абдулаќим Адеми оценува дека досега добро тече имплементацијата на договорот, зад кој стои и меѓународната заедница и придонесува кон евроатлантските интеграции на Македонија. Во согласност со стратегијата на Секретаријатот за имплементација на Рамковниот договор, нагласи тој, главна активност и во иднина останува исполнување на обврската за правична застапеност на сите ентички заедници во државната администрација. Тој најави дека Секретаријатот за спроведување на Рамковниот наскоро ќе усвои и акционен план за имплементација на Законот за употреба на јазиците, кој е исто така еден од приоритетите.

Поддршка од меѓународната заедница

Амбасадата на САД и мисиите на ЕУ, НАТО и на ОБСЕ вo Македонија и оваа година го нагласија значењето на Охридскиот договор. Охридскиот рамковен договор и релевантните уставни одредби остануваат неопходни во градењето мирно, правично и сплотено мултиетничко општество, се вели во заедничката изјава на Делегацијата на Европската унија, Штабот на НАТО во Скопје, Набљудувачката мисија на ОБСЕ во Скопје и Амбасадата на САД.

Свечен прием по повод годишнината од Рамковниот договор

Македонската влада и годинава организира свечен прием по повод годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор. На приемот во хотелот Александар Палас, поканет е државниот врв, владини функционери, дипломатскиот кор, политички партии и претставници на невладиниот сектор. Присуството досега го потврдиле претседателот на државата Ѓорге Иванов и повеќе амбасадори. Според програмата подготвена од Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, денеска се организираше и трибина насловена „Рамковниот договор денес и во перспектива“ на која учествуваа претседателот Иванов, вицепремиерот задолжен за спроведување на Рамковниот договор Адеми и двајца професори.

Рамковниот договор, на 13 август 2001 година, по повеќедневи усогласувања во Охрид, беше потпишан во Скопје од тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски и лидерите на СДСМ Бранко Црвенковски, на ДПА Арбен Џафери и на ПДП Имер Имери. Во својство на гаранти, документот го потпишаа и специјалните претставници на ЕУ и на САД Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.

Автор: ТТ/ ЖА/ миа/ макфакс

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM