1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Двојна офанзива на САД

САД охрабрени од апсењето на Садам Хусеин тргнаа во двојна офанзива: воена и дипломатска.

По апсењето и последователните демонстрации и немири, американската армија утринава започна широка воена офанзива во западниот дел на Ирак. Со воениот ангажман планиран да трае и повеќе дена и да се сконцентрира на и околу градот Самара, околу 120 км западно од Багдад, треба да се изолираат и уништат приврзаниците на стариот режим и другите востаници во т.н. сунитски триаголник, каде е јадрото на отпорот против американската окупација. Во операцијата, според американски извори, учествуваат и единици на ирачката полиција, како и специјалните паравоени формации составени од Ирачани, а тренирани од Американците.

Воената офанзива може да се толкува и како одговор на нападите на ирачките герилци, кои особено зачестија по апсењето на Садам Хусеин. Така денеска во експлозијата на еден танкер натоварен со гориво во главниот град Багдад животите ги загубија најмалку 16 лица, а голем број биле повредени.

Во рамките на дипломатската офанзива пак поранешниот американски министер за надворешни работи, Џејмс Бејкер вчера доби ветувања од владите во Париз и Берлин дека Франција и Германија ќе го дадат својот придонес за обновата на Ирак меѓу другото и преку отпишување на дел од странските долгови на Ирак.

"Ние дискутиравме за важноста на намалувањето на странските дологови на Ирак за иднината на ирачкиот народ и за неговата слобода и благосостојба. При тоа се согласивме дека овие долгови можат да бидат редуцирани во рамките на Парискиот клуб доверители уште во 2.004- та година. Околу тоа е постигната принципиелна согласност" - појасни Бејкер.

Белата куќа ја поздрави сигнализираната готовност на владите во Париз и Берлин да се вклучат во иницијативата на Вашингтон за отпишување на долговите на Ирак. Во разговорите во двете престолнини меѓутоа остана отворено прашањето дали тоа ќе значи и промена на американскиот став околу забраната за учество на фирми од земјите противнички на војната во вносните зделки околу обновата на Ирак. Според американски владини извори, посетата на Бејкер треба да послужи и како сигнал на Германија и Франција како противнички на војната дека нивните претпријатија сепак можат да обезбедат големи зделки и во улогата на секундарни фирми.

Координаторот на германското Министерство за надворешни работи задолжен за германско-американски односи, Карстен Фогт, запрашан за можната поврзаност меѓу старите долгови и новите зделки во Ирак, оцени:

"Не верувам дека постои директна поврзаност меѓу готовноста на германската и француската влада за делумно отпишување на долговите и нивно репрограмирање, со отворањето на можноста за учество на нивни фирми во обновата на Ирак. Сепак, постои политичкиот контекст во кој не може истовремено од Германија да се бара да ги зголеми напорите за стабилизација на Ирак преку отпишување долгови, од една, и да и' се попречува патот кон учеството во обновата од безбедносно политики причини, од друга страна. Оваа противречност во американската политика стана очигледна последниве денови."

Запрашан пак за реакциите на германската јавност на ваквата противречност, Карстен Фогт, изјави:

"Верувам дека мојот поранешен колега Ерлер сосема јасно го изразува она што е широко распространето расположение во парламентот, но и во пошироката јавност. А тоа е многу критички став кон изјавите на американскиот заменик-министер за одбрана Пол Волфовиц, кој ја најави забраната за учество на германските фирми во обновата на Ирак. Верувам дека на Американците им е веќе сега јасно, а ако не е им е, тогаш наскоро ќе им стане во текот на преговорите, дека германската политика и јавноста не ја прифаќаат таквата состојба. Уверен сум дека германската влада сега постапува на овој конструктивен начин по прашањето на отпишувањето на долговите со очекување дека Американците исто конструктивно ќе се однесуваат кон Германија" - нагласи во интервјуто за Дојчландфунк, координаторот за германско-американски односи, Карстен Фогт. Повеќе германски политичари, како од владеачката коалиција, така и од опозицијата се изјаснија за фер процес против поранешниот ирачки диктаторо Сада Хусеин. Пратеникот на германската влада за човекови права Калудија Рот побара меѓународен судски процес во кој ќе бидат вклучени секако и Ирачаните, според искуствата на Европскиот суд во Стразбур. Таа меѓутоа нагласи дека не смее да биде донесена смртна пресуда за Садам Хусеин.