1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Двојната стратегија на Вашингтон за Иран

Иран свечено ја отвори својата прва нуклеарна централа во Бушер, која од ноември 2010 година треба да произведува електрична енергија. Израел се чувствува загрозен и бара поголем меѓународен притисок врз Техеран.

default

Владата на Обама му се заканува на Иран и го смирува Израел

Тоа беше симболичен момент. Портпаролот на претседателот на САД Барак Обама, Роберт Гибс неколку секунди молчеше по прашањето за првата иранска нуклеарна централа, која беше изградена со помош од Русија во Бушер и минатиот викенд почна да работи. „Русија обезбедува гориво. Добро е што тоа е под надзор на Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА)“, вели Гибс.

Беспомошноста на владата на САД

Iran - Atomkraftwerk Buschehr

Атомската централа во Бушер

Несигурноста на најблиските соработници на Обама кога станува збор за Иран и атомската енергија, е знак за беспомошноста на американската влада. Непосредно пред да стане претседател, Барак Обама нагласи дека ќе стори се‘ што е во негова моќ за Техеран да не поседува нуклеарно оружје.

Пред израелското лоби на Американско-израелски комитет за односи со јавноста (АИПАК) во Вашингтон, Обама често повторуваше дека ќе стори се‘, ама баш се‘, за да ги спречи иранските атомски бомби. Така уште пред стапувањето на функцијата се закануваше со она што секогаш се избегнува, американски воен напад врз нуклеарните централи во Иран. За да ги заплашат властите во Техеран, главните луѓе од армијата во последно време постојано ја нагласуваа можноста за напад. На телевизискиот канал ЕнБиСи шефот на генералниот штаб на САД Мајк Мјулен изјави: „Воената опција е значајна и внимателно промислена можност за дејствување на претседателот.“

Но, ни претседателот на Иран, ниту неговите советници не ги сфатија сериозно заканите од Вашингтон, известува експертот за Иран, Џон Ли Андерсон од реномираниот американски неделник „Њуjоркер“ по долгото интервју со Махмуд Ахмадинеџад: „Од Иран се вратив прилично депримиран и загрижен поради тоа...“

Можен е напад на иранските нуклеарни централи

Benjamin Netanjahu

Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху

„Речиси е сигурно дека Израел уште наредната година ќе ги нападне иранските нуклеарни централи, ако Иран продолжи со својата нуклеарна програма“, смета експертот за Израел Џефри Голдберг. Обама и неговите соработници затоа го убедуваат израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, дека на Иран му се потребни уште една до две години за производство на атомско оружје. „Ако претседателот на САД категорично му нагласи на Израел дека во никој случај не прифаќа напад, тогаш Тел Авив двапати ќе размисли за воен напад“, додава Голдберг. Сепак, никој не знае дали Обама ќе му даде црвен картон на Израел. „Белата куќа се‘ уште нема одлука по тоа прашање“, вели Голдберг. Но, Пентагон веќе сигнализираше дека нема да ги соборува израелските Ф16 бомбардери, ако на патот кон Иран навлезат во воздушниот простор на Ирак, кој е под контрола на САД.

Автор: Ралф Зина/ Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Александра Трајковска