1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Двојната симболика на 9. мај

Kоментар на Миодраг Сориќ

Путин и Шредер со сопругите спроти парадата

Путин и Шредер со сопругите спроти парадата

На поканата на рускиот претседател се одзваа 53-ца шефови на држави и влади, меѓу нив и германскиот канцелар Герхард Шредер, јапонскиот премиер Јуничиро Коизуми и италијанскиот Силвио Берлускони. Сите тројца и припаѓаа на оската и со тоа на противниците на Советскиот сојуз во Втората светска војна. Но, овој гест на помирување 60 години по крајот на најголемиот воен судир на Земјината топка, падна малку во заборав, поради еден друг, актуелен спор околу симболиката на 9. мај.

Владимир Путин инсистира на тоа дека победата над Хитлер треба да се интерпретира исклучиво како ослободување на Европа од диктатурата на национал-социјалистите, впрочем како и сите други шефови на Кремљ од времето на Советскиот сојуз. Балтичките држави, поддржани од САД и Полска, посочуваат на она што уследи по 9. мај 1945, имено, проширување на комунистичката диктатура врз Источна Европа, со сите стравотии на владеењето на Сталин. Спорот оди до таму што претседателите на Естонија и Литванија се решија да ги бојкотираат свеченостите во Москва. Како можеше тоа да се случи?

Претходникот на Путин, Борис Елцин, во една прилика среде Будимпешта ја призна вината на Советскиот Сојуз за задушувањето на востанието во Унгарија во 1956-та година. Такви зборови не можат да се очекуваат од сегашниот шеф на Кремљ. Тој длабоко тагува по времето кога Советскиот сојуз беше светска сила. Тој затоа ја слави победата врз нацистичка Германија, истовремено заборавајќи ги Сталиновите злостори – потфат што очигледно ја испоровоцира реакцијата на луѓето од Балтичките земји. Неодамна Путин впрочем го оцени распаѓањето на СССР како најголема геополитичка катастрофа на 20 век. Народите од трите Балтички земји, како и оние од Полска, Чешка, Словачка и Унгарија сосема поинаку гледаат на тоа. Бидејќи распаѓањето на светската сила и носечки стожер на Источниот блок значеше и нивно ослободување од јаремот на Москва.

Путин во изминатите години освен тоа во повеќе наврати го подгреа сомнежот на народите од Источна и Средна Европа. Тој на пример ја зголеми улогата на силите за безбедност во руското општество, надоврзувајќи се згора на тоа на политичките лаги што владееа во поранешниот Советски сојуз. И во учебниците тој протурка видувања за историјата, кои речиси не се разликуваат од оние од советското време. Дотолку полесно им беше на Полјаците и на луѓето од Балтикот да ги негуваат во себе сликите за непријателот од Исток.

Целиот спор меѓутоа не мораше да ескалира до овој стадиум. Факт е дека 27 милиони советски граѓани паднаа во борбата против национал социјализмот. Тоа е огромна жртва во човечката историја. Исто така е факт дека Црвената армија го порази Вермахтот на Источниот фронт и со тоа изврши решавачки пресврт во војната. Затоа 9. мај со право останува ден на ослободување. Но, тоа е само една страна на медлот. Победата ја цементираше и ја прошири власта на Сталин врз народите од Средна и Источна Европа. Но, противниците на Путин од овие земји исто така не смеат да заборават дека Русија под негова власт не е повеќе страшниот Советски сојуз, туку покрај сите проблеми и задршки, сепак се реши за демократски развој.

Впрочем, соочувањето со сопствената историја не им паѓа тешко само на народите од Истокот на Европа. Најголемиот дел одг народите има склоност или да ги премолчува темните страни од сопствената историја или пак поинаку да ги толкува. Токму 9 мај пак покажува дека оној кој сака да ги научи лекциите на историјата и да работи на вистинско помирување меѓу народите, тој не смее да го фалсификува непријатното минато!