1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Двојазичното интегрирано образование - успешна приказна

НВО „Нансен дијалог центар“ од Скопје ќе ја добие високата и престижна награда „Макс ван дер Штул“, која и ја доделува ОБСЕ, поради успешните резултати во двојазичното интегрирано образование во Македонија.

default

Ученици во основно училиште

По тетовското село Прељубиште, каде е отворено и интегрирано македонско-албанско средно училиште за информатика, прво од таков вид во Македонија, „Нансен дијалог центарот“ го прошири проектот и со воведувањето на турскиот јазик во новооснованите македонско-турски интегрирани паралелки во Струмица и во општина Василево.

Veton Zekoli und Saso Stojkovski

Ветон Зеколи и Сашо Стојковски

Сашо Стојковски, извршниот директор на оваа невладина организација, истакнува: „Првото основно интегрирано училиште беше отворено на 1. септември 2008 година во Прељубиште со вкупно 24 ученици во првата генерација. Денес во четири општини во земјата имаме четири основни и едно средно интегрирано училиште со вкупно повеќе од 240 ученици.“

Ветон Зеколи, проект-менаџер во оваа невладина организација, се надоврзува: „Од сите родители досега, без оглед дали се Албанци или Македонци, сме добивале многу позитивни реакции. Учениците здобиваат нови комуникациски вештини, повеќе знаење за другите држави, за другите култури, за другите традиции. Учат нови зборови од другиот јазик, било Албанците од македонскиот јазик, било Македонците од албанскиот јазик.“

„Добар ден и на македонски и на албански јазик.“

Дојче веле престојуваше во селото Прељубиште, за да види како функционира во праксата овој модел на меѓуетничката комуникација во образованието, кој добива високи признанија од ОБСЕ. По завршувањето на одделните часови на паралелките на македонски и албански јазик, при почетокот на заедничките воннаставни активности во заедничката просторија поголемата група од 9 годишни дечиња, Македончиња и Албанчиња измешани, не дочекуваат со насмевки и со спонтан поздрав на двата јазика:

Dossierbild 3 Integration

„Добар ден! Мир дита!“

Го прашуваме Арсим, еден од учениците - Албанци: што прават, кога се вака заедно?

Тој одговара: „Имаме активности: боиме цртежи и играме, бидејќи имаме другари. Се разбираме добро.“

Тој потоа се завртува околу своите другарчиња – Македончиња и дополнува на македонски јазик: „Тоа се Ацко, Роберт и Игор.“

Потоа Роберт се надоврзува: „Играме фудбал, кошарка, одржуваме воннаставни активности. Кога дојдов овде, во училиштево, научив многу повеќе албански јазик. Еве, ’ун јам Роберт’, јас сум Роберт.“

Елизабета Стаменковска, одговорната наставничка за училиштето, нагласува: „Нормално е по 3 години работа степенот на осознавање на другиот јазик да е поголем отколку кога дојдоа. Децата научија повеќе, се дружат, играат, комуницираат. Слават родендени заедно. Ги одбележуваме празниците заедно. Одиме во посета на семејства при одбележување на Велигден, при одбележување на Бајрам.“

„Се надминуваат јазичните бариери и етничките предрасуди“

Нејзината колешка Линда Јашари од албанската паралелка укажува и на една друга многу значајна димензија: покрај заедничкото дружење на децата во училиштето, блиска комуникација и средби има и меѓу родителите – Македонци и Албанци по домовите во селото: „Да, родителите не примаат, не дочекуваат многу убаво.“

Стаменковска дополнува: „Надмината е таа етничка бариера, родителите соработуваат, се дружат и тие. Одат на кафе заедно.“

Die zweisprachige Grundschule im Dorf Preljubiste Mazedonien

Двојазичното основно училиште во Прељубиште

Децата заеднички прво на македонски, а потоа на албански испеаја и два рефрена: еден од македонската народна песна „Македонско девојче“ и еден рефрен од една албанска народна песна.

Раководителот на „Нансен дијалог центарот“ Стојковски е категоричен: „На некој начин, симболично, ’го посеавме семето’ на идниот образовен систем, особено еден нов современ, интегриран систем на образование, кој што ќе биде од многу големо значење за мултиетничките општини, ако тој се примени таму. Но, со значење и не само за тие општини, туку можам да кажам и за Македонија и поширокиот регион.“

Преку образованието се надминуваат предрасурите и стереотипите

Осман Емин, едукатор на турски јазик во тимот на наставници, ангажирани за потребите на ова интегрирано двојазично образование во земјата, кој е и автор на учебници по турски јазик за учениците од прво до деветто одделение, посочува: „Лани во ноември во едно основно училиште во Струмица се отвори македонско-турска паралелка со по 16 дечиња од двата етникума, кои се вклучуваат во воннаставните активности на двата јазика. Во основното училиште во Василево минатата недела се отвори таква интегрирана македонско-турска паралелка, исто така со вкупно 32 деца од двата етникума. Сите тие учат на својот мајчин јазик, но при воннаставните активности на спонтан начин се запознаваат и со другиот јазик. Децата со овој модел на образование веќе се зближуваат без оглед на верата, традициите и етничката припадност. Запознавањето на другиот јазик не претставува за тие дечиња наметнување да го учат, се е спонтано и со понеколку зборчиња. На децата добро им оди со јазиците, тие пројавуваат интерес за нив и имаат способност да ги восприемаат полека.“

Зеколи заклучува: „Со ’Нансен моделот’ за интегрираното образование секако дека децата многу полесно се прифаќаат едни со други, многу повеќе стереотипи и предрасуди се надминати. Исто така, полека се надминува и јазичната бариера. На ученици од таа рана возраст само им треба контакт. Со тој модел за интегрирано образование може да се постигне многу повеќе, затоа што, ако се остават вака сегрегирани училиштата, по десет години сметано од денес ќе имаме катастрофална состојба во целата држава.“

Без никаков сомнеж, овие интегрирани двојазични училишта воопшто не претставуваат никакви „експерименти со ограничено времетраење“. Напротив, во Прељубиште, Чаир, Струмица и во Василево се прават чекори кон една заедничка и поубава иднина на Македонија.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска