1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Дворните места повторно за едно евро за квадрат

Македонската Влада го продолжи рокот за откуп на дворните места по едно евро за метар квадратен. Во наредните девет месеци повторно ќе се примаат апликации. Нема информации колку од досега поднесените предмети се решени.

Предизборен маркетинг, или вистински одговор по барање на граѓаните? Одлуката на македонската Влада за повторно активирање на мерката за откуп на дворните места по едно евро за метар квадратен во периодот пред избори отвора дилеми. За експертите е сиптоматично што проектот, кој заврши на крајот на 2012 година повторно се активира во периодот пред избори. Надлежните пак тврдат дека проектот се продолжува по барање и во интерес на граѓаните.

„Целта е да им се излезе во пресрет на оние граѓани кои од разни причини, како на пример не ја слушнале информацијата дека истекува рокот, биле во странство или почнале оставинска постапка и немале време да ја завршат, бараат дополнителен рок. Досега се поднесени вкупно 162 илјади барања за откуп на дворното место за едно евро за метар квадратен. Колкав ќе биде бројот на оние што допрва ќе поднесат барање не може да се прецизира, но веројатно се работи за десетина илјади граѓани. Процедурата е едноставна, граѓаните ќе треба да донесат само копија од лична карта и имотен лист во подрачните единици за имотно правни работи и под рамноправни услови, како и претходно, ќе можат да го купат дворното место за едно евро за метар квадратен“, изјави портпаролот на министерството за финансии Ивана Билбиловска.

Колку брзо се одвива постапката?

Прецизен податок за тоа колку од досега поднесените над 160 илјади барања се решени нема. Граѓаните кои ги анкетираше Дојче веле пред седиштето на надлежниот орган за издавање на решенијата се жалат дека целата постапка трае многу бавно.

Надлежните пак тврдат дека сите постапки завршувале согласно законите и процедурите. Процесот во одредени случаи го забавувале предмети со нецелосна документација за кои требало време таа да се обезбеди по службена должност, но штом таа се комплетира граѓанинот добивал одговор по што тој можел да го купи земјиштето.

По добивањето на решението за приватизација од Управата за имотно правни работи постапката продолжува во Агенцијата за катастар на недвижности. Оттаму за Дојче веле само кусо одговорија дека по добивањето на решенијата на овој тип на предмети целата постапка се завршува за еден работен ден.

Skopje 2014 Gebäude der Regierung

Mакедонската Влада повторно ja активираше мерката за откуп на дворните места за едно евро за метар квадратен

По завршување на новиот рок оние што нема да го приватизираат земјиштето ќе треба да склучат договор за закуп од чија висина, која дополнително ќе се утврдува, 20 отсто ќе бидат за буџетот, а 80 проценти ќе завршуваат во општините каде се наоѓа земјиштето.

350 илјади барања за легализација за дивоградби

По едно евро за квадратен метар ќе се продаваат и дворовите на дивоградбите, односно објектите за кои е во тек или завршен процесот на легализација. Привилегираната цена ќе важи за дворни места до 500 метри квадратни, а за поголемите таа ќе се утврдува по пат на непосредна спогодба.

Досега во општините има поднесено 350 илјади барања за легализација за дивоградби од кои во Агенцијата за катастар се запишани околу 80 илјади објекти. Право на откуп на дворните места имаат сите оние што ги легализирале објектите и притоа нема утврден рок. Сепак од министерството за транспорт и врски предупредуваат дека е во интерес на граѓаните што поскоро да ја завршат процедурата. За таа цел како што вели портпаролот Драган Симоновски, бил продолжен и рокот за доставување на геодетските елаборати до крајот на 2015 година.

„Анализите покажаа дека дел од лицата кои поднеле барања за легализација, во определени случаи доцнат со доставувањето на геодетските елаборати кои се составен дел на документацијата која согласно Законот е потребна за утврдување на фактичката состојба и комплетирање на постапката. Продолжувањето на рокот е и од причина што се утврди дека геодетските друштва заради бројноста на друштвата од една страна и заради големиот број на предмети од друга страна, не се во можност да ги изработат сите геодетски елаборати во предвидениот законски рок што би можело да придонесе без вина на барателот да треба да се одбие барањето поради недоставување на овој елаборат“, изјави Симоновски.

Мерката која македонската Влада ја воведе во 2009 година предизвика реакции кај дел од јавноста уште на самиот старт, пред се поради нееднаквата положба во која беа ставени оние граѓаните кои претходно за дворните места плаќаа и до 13 евра по метар квадратен.