1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Двоен морал - оружје од Европа во Америка

По секое пукање во училиште во САД, Европа ја критизира американската култура кон оружјето. Во исто време европските производители на оружје немаат проблем со тоа Американците во голем стил да купуваат оружје.

Произведувачите на оружје од Европа припаѓаат меѓу најголемите финансиски поддржувачи на американското лоби за оружје НРА. Напаѓачот кој во декември 2012 уби 20 деца и осум возрасни лица во Њутаун, во американската сојузна држава Конектикат, бил вооружен со австриски и германски пиштоли. Исто така и минатиот јули при атентатот во кино во Аурора, Колорадо, бил користен австриски пиштол. Во тој напад загинаа 11 лица. Во јануари 2011-та година беше извршен атентат врз американската политичарка Габриеле Гифордс, при што загинаа шест лица, со полуавтоматски пиштол исто така од австриски производител. Таа беше тешко повредена. Листата е долга, а на неа освен германските и австриски оружја, се наоѓа и италијанскиот производител Берета, со чии два пиштола беа убиени 14 лица во нападот во 2009-та во сојузната држава Њујорк.

Европа лидер на пазарот за оружје во САД

Waffenverkäufer in den USA

Ако запрат продажбите на американскиот пазар, европските производители ќе се соочат со проблем

Според последните податоци, кои се однесуваат на 2010-та година, на американскиот пазар за оружје за цивили 26 проценти од пиштолите доаѓаат од Европа, објаснува Николас Марш, експерт за оружје во меѓународниот Институт за мировни истражувања во Осло. Според Бирото за алкохол, тутун, огнено оружје и експлозиви, тоа се околу два милиони од осум милиони парчиња огнено оружје во приватни раце.

Со тоа Европа е најголемиот извозник на оружје на цивилниот пазар во САД, следена од увозите од Азија и Латинска Америка. Најголем дел од европскиот извоз на оружје доаѓа од Австрија (во 2010-та 434.374 парчиња рачно огнено оружје), Италија (во 2010-та 285.083 парчиња рачно огнено оружје) и Германија (во 2010-та 266.688 парчиња рачно огнено оружје). Големите производители како австриски Глок, италијанска Барета и германски Зиг Зауер произведуваат дирекно кај своите ќерки-фирми во САД.

Зависност од продажбите во САД

Трговската група „Националната фондација за стрелачки спортови“ ја проценува големината на приватниот американски пазар за рачно огнено оружје, кој е најголем во светот, на годишни три милијарди евра.

Извозите на оружје во САД се екстремно значајни за европските производители, смета Марш во интервју за Дојче веле. Најекстремен пример е Хрватска, која е на четвртото место на листата на извозници на оружје од Европа на приватниот американски пазар. Во 2010-та година на амариканскиот пазар се нашле 239.021 пиштол, што според Марш е 98 проценти од целиот хрватски извоз на оружје.

Во добриот бизнис се вмешуваат државни компании, како белгискиот производител Херстал груп, кој повеќе од петнаесет години е во сопственост на валонската регионална влада.

Waffenrechtdebatte USA NRA Protest

Вејни Ла Пијер, шеф на американското лоби за оружје НРА

Најголем дел од европските производители на оружје со сигурност ќе имаат „големи финансиски проблеми, ако американските граѓани еден ден одеднаш одлучат повеќе да не купуваат оружје“, смета Марш. Иако тоа не е за очекување, сепак реформите на Обама во делот на поседување оружје може да ги намали нивните продажби.

Милиони за лобито за оружје

За да не се случи тоа, производителите на оружје во Европа го прават истото што и нивните американски колеги – тие ја поддржуваат битката на американското лоби за оружје НРА против заострените закони за оружје. На прво место е Берета САД со помош за лоби групата од 4,9 милиони американски долари. Потоа следува Глок САД и германскиот Блазер САД со 250.000, односно 499.000 американски долари. Земено во целина, европските прозиводители на оружје минатата година на НРА и’ префрлиле најмалку 2.175 милиони долари.

„Неверојатно е тоа што Европејците го претставуваат своето општество како помирно и помалку насилно од американското“, вели Марш. „Во минативе месеци многу Европејци предлагаа дека САд требаат да ги следат нивните закони за вооружување и дека треба да бидат повеќе ориентирани кон Европа“, додава тој. Во исто време, европските производители прават одлични договори за извоз на оружје во САД. „Овие компании плаќаат данок на приход, а владите ги одобруваат извозите“, нагласува експертот.