1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Движењето на неврзаните ги зближи Иран и Египет

Египетскиот претседател Мохамед Морси денеска пристигна во Техеран. Тој е прв египетски лидер што го посетува Иран по исламската револуција во 1979-та година, кога беа прекинати дипломатските односи меѓу двете земји.

Иранската државна телевизија објави снимки на кои Морси е пречекан со црвен тепих на аеродромот Мерабад во Техеран од иранскиот заменик претседател Хамид Баќаеји. Иран посетата на Морси ја оценува како шанса за зајакнување на врските меѓу двете земји. Тој во земјата ќе се сретне и со врховниот лидер ајатолахот Али Хаменеи.

Причината за посетата на Морси на Иран е самитот на Движењето на неврзаните, каде тој треба да одржи говор и официјално да го предаде тригодишното претседателствување од Египет на Иран. Аналитичарите велат дека кратката посета на Морси е направена така за да се избегне какво било прескокнување на Иран, но и оти подобрувањето на односите со Техеран во блиска иднина би можело да испрати погрешна порака до САД и Израел.

Врвот на собирот на Движењето на неврзаните е дводневниот самит кој почнува денеска. Тоа претставува 120 земји и опфаќа голем дел од земјите во развој. Движењето бара реформа на ОН со цел губење на моќта на Советот за безбедност, поддржува создавање на палестинска држава и ги критикува западните санкции наметнати врз некои од неговите членови, вклучувајќи го Иран.

Бан Ки Мун со жестоки критики до домаќинот

Iran Ban Ki-moon und Ali Chamene'i / Ali Khamenei

Бан Ки Мун и Али Хаменеи

На 16-от самит на неврзаните учествува и генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун. САД и Израел изразија резервираност за неговата посета на Иран, а ОН објаснија дека тој одлучил да оди на самитот на неврзаните за да ги пренесе загриженоста и очекувањата на меѓународната заедница од Иран.

Тоа тој и го направи откако стапна на иранска почва. На домаќините им изрази сериозна загриженост поради состојбата со човековите права во земјата и ги повика да соработуваат со ОН во унапредувањето на слободите во земјата.

„Разговаравме како ОН, заедно со Иран, можат да поработат на унапредувањето на состојбата со човековите права. Сериозно сме загрижени поради злоупотребата и кршењето на човековите права во оваа земја“, рече Бан Ки Мун на прес-конференција во Техеран, додека до него седеше потпретседателот на иранскиот парламент Али Лариџани и намуртено ја следеше неговата изјава.

Но, Бан за време на посетата на Иран би можел да ги покрене и чувствителните прашања, како што се барањата да им се овозможи пристап на нуклеарните инспекторите од ОН на различни места во земјата, вклучително и воената база недалеку од престолнината, која се смета за полигон за експерименти кои би можеле да доведат до производство на нуклеарно оружје.

Техеран ги промовира своите позиции

Техеран има намера да го искористи еднонеделниот состанок на Движењето на неврзаните за промоција на своите позиции дека неговата нуклеарна програма има мирољубиви цели, како и дека збогатувањето на ураниумот го спроведува во согласност со правилата на ОН.

Бан Ки Мун истакна и дека со иранските лидери ќе разговара за кризата во Сирија, имајќи в предвид дека официјален Техеран остана еден од силните сојузници на Башар ал-Асад. Генералниот секретар на ОН го нарече Иран главен играч кој е способен да посредува во регионални конфликти, вклучувајќи ја и граѓанската војна во Сирија.