1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Две жени во трка за претседател на Чиле

Чиле денеска (17.11) избира нов претседател. Речиси сигурно е дека на чело на државата ќе застане жена. Во трка се Мишел Бачелет и Евелин Матеи, школски другарки чии семејства биле на различни страни во времето на Пиноче

Поранешната претседателка Мишел Бачелет (на фотографијата лево) важи за фаворит на претседателските избори што се одржуваат денеска во Чиле. Во анкетите, социјалистката Бачелет има јасна предност пред својот најсилен противкандидат, десноориентираната Евелин Матеи. На трето место е либерално-конзервативниот претприемач Франко Париси.

На изборите настапуваат вкупно девет кандидати. Ако ниту еден од нив не освои повеќе од 50 проценти од гласовите, ќе биде одржан втор круг избори на 15 декември. На избори се повикани околу 13,3 милиони граѓани со право на глас. Денеска се гласа и за нов состав на парламентот.

Мишел Бачелет беше претседателка на Чиле од 2006 до 2010 година. Сега 62-годишната политичарка е кандидат на опозициониот централно-левичарски сојуз „Ново мнозинство“, составен од христијанските демократи, социјалдемократите, социјалистите и првпат - комунистите.

Ако се оди на втор круг избори, најверојатен е дуелот на двете жени - Бачелет и Матеи. Двете се ќерки на генерали во воената авијација на Чиле, двете оделе во исто училиште, а нивните родители се познавале и приватно. Во време на диктатурата на Пиноче од 1973 до 1990 година, меѓутоа, татковците стоеле на две различни страни. Таткото на Бачелет бил уапсен три дена по пучот и бил изведен пред воен суд. Бил затворен во логор, со кој по неколку месеци почнал да раководи таткото на Матеи. Алберто Бачелет бил обвинет за предвавство на земјата и бил измачуван, а починал во 1974 година во затвор, на 51-годишна возраст. Фернандо Матеи, пак, се искачувал во хиерархијата на воената хунта.

Централни теми на кампањата во Чиле беа реформи во сферата на образованието и даноците. Се бара и промена на Уставот, кој датира уште од времето на диктатурата и диктира неолиберален економски поредок.