1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Две држави или постар и помлад брат?

Црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ оди во прва официјална посета на Белград по прогласувањето на независноста на Црна Гора во 2006 година. Тоа е можност да се направи инвентар на отворените прашања, оценуваат експертите

Иако секоја власт седум години тврди дека односите со Црна Гора се во подем и се „братски“, јавноста во Србија има спротивен впечаток. Црна Гора прво прогласи независност, а потоа во 2008 година ја призна независноста на Косово. Тоа предизвика бурни реакции во Белград, кој сите тие потези ги гледа како предавство на Србија. Следуваше воспоставување „мајчин јазик“ во Црна Гора, што е протолкувано како натамошно скршнување од „српството“.

Србија на Црна Гора не гледа како на друга држава

„Посетата на Ѓукановиќ е важна и симболички, но е и можност да се направи инвентар на преостанатите отворени прашања“, вели за Дојче веле Александар Попов, директор на Центарот за регионализам. „Треба да се означат облиците на соработка кои треба да се унапредуваат, за односите да дојдат на она ниво коешто е неопходно за две толку блиски држави.“

Претседателот на Форумот за етнички односи Душан Јањиќ истакнува дека затоплувањето на односите почнало по заминувањето на Борис Тадиќ од власт. Воздржаната дистанца, којашто ја промовираше Тадиќ, ја заменија обиди на новите власти за унапредување на односите: „Тадиќ одржуваше врски со Филип Вујановиќ и тоа создаваше привид на нормалност. Меѓутоа, за проблемите да се решаваат, мора да постои нормална комуникација на двете влади. Со доаѓањето на Ѓукановиќ ќе се воспостави таа нормална, секојдневна, работна комуникација на двете влади, на министерствата, јавните претпријатија...“

Подгорица и Белград минаа низ фаза на меѓусебно обвинување во која Србија често се мешаше во внатрешните рашања на соседот. Екстремен пример е пописот во Црна Гора, вели Попов: „Овде (во Србија, н.з.) се водеше кампања што повеќе граѓани на Црна Гора да се изјаснат како Срби. Од прогласувањето на независноста работите никогаш не беа доведени во нормала, затоа што беше присутно чувството на некаква лутина на постариот брат кон помладиот.“ Попов забележува дека дел од политичкиот естаблишмент во Србија ја третира Црна Гора како „некој свој дел кој е привремено отуѓен“, а Црногорците како „дел од својот народ кои само се викаат поинаку“. „Оттука, се стекнува впечаток дека Србија едноставно не ја гледа Црна Гора како друга држава со која би требало да има рамноправни односи и дека таа држава и ја третира на таков начин.“

Milo Djukanovic Premierminister Montenegro

Мило Ѓукановиќ во посета на Србија денеска и утре (9/10.12.2013)

Емоциите во овој момент се спласнати, истакнува Јањиќ. Тој верува дека многу обвинувања и противобвинувања меѓу Србија и Црна Гора биле предизвикани од одделни влијателни групи. „Тоа се моќни групи врзани со Црна Гора со бизнис и потекло. Тие успеваа повремено од своите лични и семејни драми во Србија да направат и владина политика. Мислам дека тие луѓе и натаму ќе дејствуваат, но нивната моќ е се‘ помала и нема да можат да направат некоја поголема штета, меѓутоа повремено ќе успеваат да произведат некаква тензија.“

Јалова борба против криминалот

Додека државите на поранешна Југославија со години спореа за се‘ и сешто, прекуграничната соработка на криминалците цутеше. Таа соработка во случајот на Црна Гора и Србија одлично ја илустрира кокаинската империја на Дарко Шариќ. Затоа Александар Попов е внимателен со пофалбите за новата соработка на полициите на двете држави: „Тоа е регионално прашање и добро е што надлежните органи се среќаваат и остваруваат одредена соработка, но мислам дека таа соработка и покрај сите тие состаноци и договори не е доволна. Зашто, очигледно е дека некои криминалци наоѓаат заштита во една, друга или трета земја, дека не се процесуираат или испорачуваат на земјата којашто ги бара.“

Двете земји имаат низа нерешени прашања, меѓу кои Попов го истакнува проблемот на двојно државјанство. Според него, од позитивните работи треба да се истакне економската соработка, која се одвива непречено. Душан Јањиќ нагласува дека е позитивно тоа што тензиите меѓу двете земји никогаш не ја преминале точката од која нема враќање, иако постоеле дури и планови за вооружена интервенција во Црна Гора. Покрај тоа, позитивно е шти никогаш не се прекинувани врските меѓу граѓаните кога е во прашање слободата на движење, на школување или културната соработка.