1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Две големи прослави за двата Илиндена

Македонија избрала да се осмислува себе си преку постојана соработка и пријателство со другите народи и држави, изјави претседателот на државата Ѓорѓе Иванов на централната прослава на двојниот Илинден во Крушево.

default

Претседателот Ѓорѓе Иванов при говорот на Мечкин камен

Македонкиот претседател Ѓорѓе Иванов порача и дека земјата ја очекуваат предизвиците за надминување на историските балкански недоразбирања, нагласувајќи дека со оптимизам гледа на нив. „Не се сомневам дека сме подготвени за секој предизвик“, порача Иванов од местото-симбол на востанието во 1903, Мечкин камен.

Висока парламентарно-владина делегација од Македонија, пак, одржа чествување на вториот Илинден пред 65 години, на местото каде се одржа првото заседание на АСНОМ, во манастирот Свети Прохор Пчињски. По кусата посета на манастирот, што денес се наоѓа на теротиријата на Србија, делегацијата му се приклучи на народниот собир во меморијалот Пелинце, каде претседателот на парламентот Трајко Вељановски порача: „Ако првиот Илинден беше израз на македонскиот непокор, вториот Илинден ја донесе победата!“

Ширум отворени врати

Со нова спомен-плоча на која е испишан историскиот настан и ширум отворени врати на манастирот Свети Прохор Пчињски беа пречекани гостите од Македонија на големиот јубилеј. По 65 години од АСНОМ, вториот Илинден кога во манастирските конаци се поставени темелите на современата македонска држава, владино-парламентарна делегација предводена од претседалот на Собранието, Трајко Вељановски, положи цвеќе пред новата спомен плоча.

Pelince

Македонската делегација полага венец во чест на учесниците на заседанието на АСНОМ во 1944

Таа е поставена пред капијата веднаш до манастирската чешма. Гостите ги пречекаа двајца владици на српската црква, Пахомие надлежен за Врањанската епархија, на која и’ припаѓа манастирот, и епископот Бачки, Иринеј, влијателен во црковен Белград и портпарол на Светиот Сабор. По кусата средба на црковната делагација од Србија и државната од Македонија во една од гостинските одаи во манастирот, претседалот на Парламентот Трајко Вељановски се заблагодари на гостопримството: “Можноста делегацијата да го посети манастирот, односно местото каде е одржано Првото заседание на АСНОМ, е гест за уште повеќе да се зацврстат односите меѓу државите и поттик и натаму да се градат меѓусебнит односи“.

Српските Владици им го честитаа празникот на Македонците и се повлекоа во манастирот без да дадат изјава за бројните медиуми.

Малку намерници

Освен членовите на државната делегација во Прохор Пчински немаше многу гости од Македонија. Беа собрани едвај неколку десетици граѓани од тој крај, љубопитни да видат како нивните соседи го прославуваат Илинден.

Да се поклони пред спомен плочата дојде и Пеце Ристески, Македонец кој долго време живее во Врање и е потпретседател на македонската задница во Србија. “Гордо звучи да си Македонец во Пчинскиот округ, во кој живеат околу 2000 Македонци“- порача Ристески.

По одбележувањето на празникот во српскиот мастир прославата продолжи во Пелинце, село во течението на реката Пчиња, десет километри јужно од граница. Таму е изграден меморијален центар, како алтернатива за не секогаш достапното изворно место на настанот, во зависност од меѓуцрковните односи и волјата на српските владици. Во Пелинце говорниците зборуваа за европската иднина на Македонија, но организацијата на прославата и однесувањето на славенците не беше сосема во европски манир. Гласна музика, сообраќаен хаос, автомобили и автобуси паркирани во тревниците, купишта хартија која остана зад гостите - да сведочат дека денеска тука се славела историјата.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Горан Чутаноски