1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Две години од убиството на Харири

Денеска во Бејрут илјадници Либанци се потсетуваат на убиството од пред две години на нивниот премиер Рафик Харири. Неговото убиство до денес ги ангажира граѓаните на оваа земја – политички и правно.

Плакат со портрет на убиениот Рафик Харири

Плакат со портрет на убиениот Рафик Харири

Конвојот на поранешниот либански премиер Рафик Харири штотуку минуваше покрај хотелот „Сент Џорџ„ кога на 14 февруари 2005-тата силна експлозија го потресе просторот. Улицата наликуваше на воено поле. Откако беа извлечени мртвите и ранетите, улицата беше затворена. Либанците одвај веруваа дека меѓу загинатите е и Харири, човекот кој за многумина беше пример и надеж.

Како премиер, тој влезе во конфликт со про-сирискиот христијански претседател Емил Лахуд, кој го отпушти, но под притисок на јавноста го врати на функцијата. Остана на таа позиција до есента 2004 кога поднесе оставка во знак на протест поради тоа што Сирија преку промена на уствот издејствува нејзиниот миленик Лахуд да остане на функцијата. Харири стана симбол на либанското одбивање на сириското мешање во работите на земјата. Трупите на Сирија скоро три децении се наоѓаа во Либан, наводно како сила за заштита, но во стварноста, за да ја контролира земјата која до денес ја третира како сопствена провинција, а не како независна држава.

На Харири не му беше можеби тешко да излезе на крај со својот претседател, но одбивањето на Сирија веројатно го чинеше живот. До денес тоа не е докажано, но германскиот правник Детлев Мелис кој го иследуваше убиството по налог на Обединетите нации, упати јасни обвинувања на адреса на Дамаск. Сирија, која само неколку месеци по убиството на Рафик Харири мораше да го напушти Либан, до денес ги одбива тие обвинувања.

Во меѓувреме, владата на сегашниот премиер Фуад Синиора бара процес под водство на Обединетите нации што го одбиваат про-сириските сили во Либан. Во знак на протест министрите на Хезболах и ним блиските, ја напуштија владата на Синиора и побуцнуваат на отпор против владата. Пријателот на Сирија, Емил Лахуд исто така одбива процес под водство на светската организација со образложение дека тоа би било против-уставно и дека за тоа може да реши само парламентот. Меѓутоа, претседателот на парламентот Набих Бери и самиот е поврзан со Сирија, и не помислува тоа прашање да го постави пред пратениците.

Така, двете години од убиството на Харири донесоа голема промени во Либан: повлекување на Сиријците и нови политички алијанси, како и ново политичка самодоверба кај Либанците. Но, и силите блиски на Сирија се престроија. Посебно шиитскиот Хезболах кој неоштетено ја преживеа војната со Израел во летото минатата година и денес бара поголема власт во земјата, влегувајќи во опасна конфронтација: меѓу западно ориентираната влада на Синиора и опозиционите групи завртени кон Сирија и Иран. Оттаму не се малку оние Либанци што страхуваат дека две години по убиството на Харири може да биде убиена и надежта во обновен и подобар Либан.