Два датума за славење на Уставот? | Македонија | DW | 17.11.2012
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Два датума за славење на Уставот?

Во албанскиот политички блок сметаат дека македонскиот Уставот станал инклузивен дури со амандманите од Охридскиот рамковен договор и затоа како негов ден треба да се слави на 13 август, а не 17 ноември.

Уставот на Република Македонија од 17 ноември 1991 година го положи тестот на времето, а индикатор за тоа е и фактот дека трае без да биде комплетно променет, сметаат двајца од неговите автори, Владо Поповски и Љубомир Фрчкоски.

Поповски потсетува дека највисокиот правен акт беше високо оценет и од Бадентеровата комисија, во која покрај Робер Бадентер, седеа уште шест претседатели на уставни судови на европски земји.

„Во 2001 година, кога со Охридскиот договор амандмански се интервенираше во правно-политичкиот систем, новинарите го прашаа Бадентер: Зошто се интервенира во Уставот? Пред десет години вие рековте дека тој е демократски? 'Да. И тогаш и сега истото го мислам', им одговори тој", потсетува Поповски.

Според него, лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски не бил во право кога во 2001 година оценил дека Уставот има фабричка грешка и дека тоа е причина за воениот конфликт.

„Во Уставот немаше одредба дека мнозинството треба да го надгласува малцинството по етничка основа. Уставот не го стопираше развојот на демократијата, на економијата и меѓуетничките односи. Проблеми продуцираше системот на политички односи, а на Уставот - тврди Поповски.

Денот на Уставот - 13 август?

Professor Vlado Popovski

Професор Владо Поповски

Но, во албанскиот политички кампус имаат поинаков став. Најцитираната изјава од крајот на 2000-та година на Арбен Џафери, тогашен лидер на ДПА - 'Се будам, живеам и заспивам со идеја за промена на Уставот', не е единствениот потсетник за незадоволството на Албанците.

Стојан Андов, претседател на првото повеќепартиско Собрание и претседател на Уставната комисија во 1991 година, вели дека Уставот е најважниот државен документ во историјата на македонската независност, но признава дека имало пропусти.

„По прашањето на односите меѓу Македонците и Албанците, со тој Устав паднавме пониско од веќе достигнатото ниво на стекнати права на Албанците со Уставот од 1974 година. Тоа се одрази и при гласањето за Уставот, во кое не учествуваа пратениците од ПДП и НДП, а на меѓународен план ни претставуваше пречка за афирмација на земјава како демократска. Незадоволството доби своја разрешеница дури со донесувањето на 15 амандмани на Уставот, засновани на Охридскиот договор со кој се оконча воениот конфликт “ објаснува Андов.

Тоа е причина што Албанците денес зборуваат за „за прв и за втор Устав". Во владејачката ДУИ, Уставот од 1991 го сметаат за едностран и дискриминирачки.

„Тој исклучуваше, а не интегрираше. Со тоа беше основен генератор на криза во првите десет години од независноста и основна причина за избувнувањето на конфликтот во 2001 година. Новиот Устав „донесен" на 13 август 2001 е инклузивен, ја рефлектира мултиетничката реалност во Македонија и има механизми за институционално изразување на етничките заедници и за заштита од мајоризација. Затоа, сметаме дека 13 август треба да се слави како ден на Уставот, а не 17 ноември-вели портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

Мајсторски и спасоносен компромис

Љубомир Фрчкоски, еден од авторите на овој акт, вели дека Уставот е напишан на демократски и либерални основи, што е првокласен успех за држава која воопшто немаше либерални искуства, а која и денес страда од колективистичко-националистички митологии.

Frckoski Kandidat Wahlen in Mazedonien

Професор Љубомир Фрчковски

„Тој е граѓански во целиот текст, а националната меморија е поместена во Преамбулата која не е дел од оперативниот текст што одредува права. Тоа беше успешен, мајсторски, спасоносен компромис, земајќи ја предвид атмосферата во 1991 година. Од тогаш до денес единствена оправдана промена се амандманите од Охридскиот договор. Другите амандмани се уставно назадување, особено оној за притворот. Следни основани амандмани ќе бидат оние неколку при влезот на Република Македонија во ЕУ. Тогаш треба да се искористи отворањето на Уставот за да се ослободиме од десетина сегашни амандмани кои се катастрофа", вели Фрчкоски.

Според политиколозите, ако на Уставот од 1991 се глада како на акт со „македонски" печат, а на амандманите од 2001 како на „албански", со влезот во ЕУ тој ќе тој ќе добие цврст европски печат. Веројатно, тогаш и ќе заврши приказната со неговото (ре)отворање.

Поврзана содржина