1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Дваесет години од донесувањето на Уставот на Република Македонија

Македонија денеска одбележува 20 години од донесувањето на првиот Устав по прогласувањето на независноста. Јубилејот е одбележан на седница на Собранието на Република Македонија.

default

Македонскиот Устав го издржа тестот на времето, истакна претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски. Вељаноски нагласи дека „Уставот ги следи современите демократски придобивки, го изразува историскиот континуитет и стремежот за слобода на македонскиот народ и нуди највисоки гаранции за остварување на слободите и правата на граѓаните“.

Уставот на РМ е највисок правен акт во земјата. Првиот Устав е донесен на 17 ноември 1991 година, со што уставно-правно се заокружи конституирањето на Република Македонија како суверена и самостојна држава, по одржаниот референдум на 8-ми септември 1991 година. Според Уставот, општествено-економскиот и политичкиот систем на Републиката се заснова на принципот на владеење на правото, човековите слободи и права, поделбата на власта, пазарната економија и другите темелни вредности на современото демократско општество. Досега, уставот има претрпено неколку амандмански промени.

Работниот текст на Уставот го пишуваа професорите Владо Поповски, Љубомир Фрчковски и Лазо Китановски.

„Уставот го правевме како устав на независна суверена држава Република Македонија“

Професор Поповски за Дојче веле прецизно се присеќава како и кој го работел Уставот на самостојна Македонија.

„Прво, ние уставот го правевме како устав на независна суверена држава Република Македонија, бидејќи ние влеговме во екот на работата во првите три месеци на 1991 година, која беше веќе драматична и насекаде започнаа војните. Во такви околности ние создававме устав на независна, суверена држава и така го конципиравме.“

Professor Vlado Popovski

Професеор Владо Поповски

За тоа како бил работен устав, професорот Владо Поповски вели: „Имавме околу 35 устави распослано во собата во една куќа која се’ уште беше карабина, само таа беше со врати и прозорци, се греевме со греалка. Тогаш на пример беше парадигматичен на еден начин новиот устав на Република Хрватска, понатаму го имавме во вид и уставот на Србија, а од другите устави, особено за некои решенија,ни даваа инспирација на пример уставот на Шпанија, францускиот устав во делот на полупретседателскиот систем - од тие устави има некои позајмици.“

За поделбата на компетенциите, професорoт Поповски појаснува: „Mислам дека најголемиот товар апсолутно го носеше Фрчкоски. Прво поради неговата позиција на член на владата, второ поради неговиот континуитет и трето, поради неговата стручна упатеност во доменот на човековите слободи и граѓанските права. Тука тој беше,да се каже, суверен. Понатаму,ако станува збор за некоја поделба, тогаш јас бев главниот носител во рамките на делот за организацијата на власта, а Лазо Китановски беше главно задолжен за делот на судството.“

Автор: АТ/ АЧ/ макфакс/ миа

Редактор: Б. Георгиевски