1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Да се спречи јуриш на кипарските банки

Што ќе се случи кога, по долгата, присилна пауза, кипарските банки повторно ќе ги отворат вратите? Се стравува дека граѓаните ќе навалат во банките и ќе ги испразнат сметките. Како се планира да се спречи тоа?

Кога премногу клиенти одедаш ќе ги побараат своите пари, за секоја банка тоа би било премногу. Бидејќи банките парите од своите штедачи не ги ставаат едноставно во сеф, туку ги позајмува на други, за да можат во меѓувреме на него да заработат. Значи, работниот модел на некоја банка функционира само кога вложувачите имаат доверба дека парите им се на сигурно. Кога ќе биде загубена довербата и колективно се повлекуваат парите, тоа нема да одведе во пропаст само една банка. Целокупната економија на некоја земја на тој начин може да биде одведена во криза. Без разлика на тоа дали граѓаните ги држат своите пари дома, „под перница“ или се обидуваат да ги сочуваат во странство, на домашната економија и недостасува капитал, не може повеќе да го позајмува, а инвестирањето станува тешко или невозможно.

Попречување и ограничување

Контролите на прометот на капиталот всушност треба тоа да го спречи. Постојат различни облици на контрола. На сите им е заедничко тоа да го попречат и ограничат до тогаш слободниот проток на пари. Некоја држава може, на пример, да ги зголеми даноците, доколку нејзините граѓани или некоја фирма сакаат да ги префрлат парите во странство или сакаат да ги увезат од странство.

Уште делотворни се и ограничувањата на количествата на пари. Така може да се одреди никој да не смее од својата сметка да подигне повеќе од одредена сума на пари неделно. Во контролите на движењето на капиталот се вбројува и обврзувачкото барање дозвола. Во тој случај, парите можат да се подигнат само ако пред тоа е побарана и е добиена дозвола.

Сите тие контроли ги ограничуваат граѓаните и фирмите во нивните права. Од друга страна, тие им овозможуваат на државата, банките или финансиските управи да го попречуваат неконтролираниот одлив на капитал и така до некаде да ја стабилизираат економијата.

Слободен проток на пари

За голем број држави со слободна пазарна економија, контролите на движењето на капиталот од 70-тите години на минатиот век, се табу. По укинувањето на системот „Бретон Вудс“ со цврсто утврдени курсеви на валута, речиси насекаде важело правилото: капиталот треба да тече без пречки таму каде е најитно потребен и каде носи висока заработувачка. И Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка застапувале такво гледиште па барале и во земјите во развој како и во земјите со растечка економија да се укинат контролите на прометот на капиталот.
Во Европа контролите на прометот на капиталот се сметаат за „тешка артилерија“, бидејќи тие длабоко се мешаат во правата на економската слобода на граѓаните. Така слободниот проток на капитал е една од четирите темели на слободата на домашниот пазар во ЕУ. Останатите три се проток на стока, луѓе и услуга.
Примерот на Исланд сепак покажува дека контролите на движењето на капиталот можат да бидат и нужни. По банкротот на тамошните банки, таа мала островска земја ги спречуваше своите граѓани масовно да ги изнесуваат парите во странство. Со тоа сакаше да го спречи уште поголемиот пад на вредноста на исландската круна. Од тогаш наваму земјата релативно добро закрепнува од криза. А владата на Исланд планира во текот на оваа година постепено да ги укине контролите на движењето на капиталот.