1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Да се сочува традицијата!

Македонците од Берлин и околината со полноќна литургија го прославија Христовото воскресение и посакаа традицијата и верата да бидат нивни вечни придружници.

Малата капела и дворното место на Осдорфер штрасе бр. 16, во Берлин, синоќа беа собиралиште на неколку стотина Македонци кои со своите семејства присуствуваа на полноќната велигденска литургија. Толку народ одамна се немаше собрано, можеби дури ни од ставањето на темелите на малата црквичка. Во свежата ноќ буквално вриеше како во кошница и немаше место ни игла да се фрли, поради што многумина коментираа, дека ќе биде вистински Велигден тогаш кога на овој простор ќе се изгради и големиот планиран храм на Македонската православна црковната општина (МПЦО) Св. Климент Охридски.

Но, ваквата желба веројатно во догледна иднина нема да се оствари. Колку поради потребните пари кои се’ потешко се прибираат, толку и заради привремена забрана за градба. Како ни изјави Перо Дивјакоски од Црковниот одбор на МПЦО проблемот го наметна Германска железница. Конкретно, Германската железница планира на овој потег да се движи брзиот воз ИЦЕ кон Дрезден, што значи потребно е зајакнување на постојниот мост на Осдорфер штрасе, кој е на десеттина метри од црковното место. За реконструкцијата, која треба да се спроведе во наредните три години, на соседната локација до црквичката, ќе биде донесена и инсталирана тешка механизација, која не ја гарантира сигурноста и статиката на објектот што би требало да се гради, па затоа препорака е планираната црква да почека.

Mazedonisches Osterfest 2012 in Berlin

Прослава на Велигден во Берлин


Весело со два Велигдена

Некои од верниците се разочарани поради привременото блокирање на градбата, други сметаат дека и онака црквата нема големи пари и добро е што е изградена барем малата капела во која може на празниците да се собираaт и да си ја зачуваат традицијата и верата. Зашто без верата и нејзиното чествување, како вели Петруна, нема живеачка. Се пренесувала од колено на колено и сега младите генерации кои живеат далеку од татковината имаaт шанса да го сочуваaт својот корен.

Покрај Македонците од позрела и постара возраст на полноќната литургија во Берлин имаше многу млади луѓе. Цели семејства со деца, кои и на полноќ будно следеа што се случува пред олтарот, внимаваа запалените свеќи да не се изгаснат и нетрпеливо ја чекаа полноќта и прогласувањето на воскресувањето на Исус. Потоа следеше делењето и кршењето со црвените јајца, облажувањето и заминувањето дома.

Добар дел од децата се од мешани бракови: во кои мајката или таткото се Македонци, а вториот родител Германец. Како во ваквите семејства се празнува Велигден?

„Прекрасно е да гледате да се празнува по двапати“, кажува Васко Димитровски. Неговата сопруга Мануела е Германка, но како вели станала вистинска Македонка. Говори македонски, ги знае и чествува сите празници. Така сите големи празници како Велигден и Божик се празнуваат двапати, исто камо и во домот на Франк и Ива, Марија и Алексадар, Павле и Катарина.

Mazedonien Osterfest 2012 Berlin

Прослава на Велигден во Берлин


Прашуваме: што знаат децата и како им го објаснуваат Велигден?

Ана вели дека во германските училишта Македончињата се запознаваат и со религијата и знаат што е што. Милена, пак, дополнува дека Велигден е малку потешто да им’ се долови особено на помалите деца. За Божик знаат дека се родило бебето Исус, дека има роденден... Велигден, Воскреснувањето е апстрактно да им се објасни, но празникот го идентификуваат со бојосаните јајца, со одењето в црква, свечената атмосфера. Во некои домови заради интегрирањето во средината прифатена е и германската традиција па децата покрај бојосаните, добиваат и јајца, јајчиња и пилиња од чоколадо.

Дел од традицијата е и велигденскиот ручек, собирањето на целото семејство на трпеза. Олга, Јелица, Нада, Доста, Филип за велигденскиот ручек ќе имаат македонски и традиционални јадења – печено јагнешко. Елена вели дека добар дел од семејствата сега се собира на таканаречен „бранч“, кај 11 часот, место попладневен ручек кај 16 часот. Секој како ќе се договори, но важно е да се соберат сите - родители, деца, внуци. Како и да е во сите домови каде има барем еден Македонец денес е празнично, велигденски и традиционално. Јагнешкото на трпеза е сигнал дека корените се зачувани и на оние кои повеќе децении се заминати од родните огништа и чии домови сега се тука - во Германија.