1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Да се создаде клима на доверба

Посетата на германскиот претседател, Хорст Келер на Македонија и Хрватска може да биде шанса и отворање на вратите за поголема билатерална доверба. На двете земји е како тоа ќе го искористат.

default

Германскиот и македонскиот претседател, Келер и Црвенковски во Скопје

Разликите меѓу величенствено убавиот Дубровник и сивото Скопје, две станици на патувањето на Келер кои следуваа една по друга, низ две поранешни југословенски републики кои се разликуваат не само архитектонски, не можеа да бидат поголеми.

По поканата за прием во НАТО и онака присутната самодоверба на Хрватите уште повеќе се зголеми. На дофат е и најважната цел на хрватската надворешна политика - целосното членство во ЕУ. Влезот во ЕУ, според очекувањата на хрватската влада, треба да се случи најдоцна до 2010 година. Најдоцна дотогаш, во голема мерка треба да бидат решени и домашните задачи кои претстојат - реформа на судството, на јавната администрација, борба против корупцијата.

Разочарување што може да се допре

Од ваквата опуштеност во Македонија може да се почувствува сосема малку. Разочарувањето поради недобиената покана за НАТО може дури да се допре. Значително е опадната и довербата во способноста на пријателските земји, кои поттикнаа големи очекувања во спорот со името со Грција, да се наметнат. За разлика од Хрватска, приклучувањето кон ЕУ поради реформите кои сеуште чекаат на спроведување, е во далечна иднина. Затоа, посетата на германскиот претседател дојде во вистински момент. Неговото јасно укажување на адреса на Грците да покажат поголема подготвеност за компромис, беше повеќе од недвосмислено. Исто како и неговото разбирање за тоа дека владата во Скопје инсистира на тоа дека во името мора да биде задржан националниот идентитет.

Непретенциозно и отворено

На средбите со младите луѓе, Келер оставаше голем впечаток со неговиот непретенциозен настап. Таму тој беше присутен, љубопитен и отворен. Неговиот автентичен и опуштен начин да зборува за својот невообичаен пат на политички подем, неговата способност да ги сослуша луѓето и да им се приближи - тоа е веродостојно и му обезбедува почит од страна на другите.

На дневен ред и непријатни теми

Притоа, Келер постојано зборува и за непријатни теми - тој од младите бараше да трагаат по начин за помирување со непријателските етнички групи, од неговите политички соговорници бараше да се борат против корупцијата која се зголемува на сите страни и спроведување на неопходни реформи во правосудството и управата. Тоа не насекаде наиде на отворени уши. Германските стопански експерти кои патуваа со претседателот вртеа со главата поради партнерите за разговор кои беа резистентни на совети, пред се‘ во Македонија. Таму, исто како и во Хрватска, германските претприемачи на политичарите и стопанствениците им укажаа на главните пречки за германските инвеститори - растечка корупција, запоставување на странските конкуренти на објавените тендери, речиси небрежната немарност на властите во нивниот однос кон договорите и проектите.

Посетата на германскиот претседател тука може да отвори врати и да биде основа за создавање клима на доверба. Тоа Келер го стори на убедлив начин. На Хрватите и Македонците е од таквата понуда да го направат најдоброто.