1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Да се создаде добра културна клима во Македонија

Интервју со министерката за култура на Република Македонија, Елизабета Канчевска- Милевска за оствареното во 2009 и плановите во сферата на културата во 2010 година.

default

Македонската министерка за култура Елизабета Канчевска- Милевска

Кој проект на вашето министерството би го издвоиле како најзначаен во 2009?

Канчевска- Милевска: Не би можела да издвојам еден одделен проект бидејќи имавме многу. Јас би ги подделила во три области. Прво капитални инвестиции, за прв пат се градат во областа на културата, второ се археолошките локалитети на кои интензивно се работеше во последниве две години и трето се сите оние проекти кои министертството за култура ги поддржа и ги финансираше и се реализираа во 2009. Задоволна сум од она што го постигнавме во културата.

Кој сегмент од културата според вашата оценка остави најголеми траги во 2009 а кој е најслабата алка во синџирот на сфери со кој раководите Вие?

Канчевска- Милевска: Се залагам и ќе се залагам за рамномерен пристап до сите дејности во културата која покрива многу дејности. Тоа се гледа во делот на сите дејности. Во издавачката имавме многу значајни проекти. Проектот- 130 тома македонска книжевност, прокетот- превод на дела кои имаат добиено Нобелова награда, кој што е завршен и ќе се промовира на 11 јануари, проектот- превод на стручна литература од областа на кулутрата, голем број во ликовната дејност, за прв пат имаме застапено наши уметници кои дале придонес во сликање на уметнички портрети на наши истакнати историски личности, уметници кои се вклучија во сликање на уметнички сцени и битки од историскиот развој, на музичко сценски план имавме реализација на голем број проекти, учество на светски имиња, промоција на нашата култура во странство.

И годината што изминува го потврди впечатокот дека Македонија многу тешко создава големи културни дела и нови брендови. Зошто е тоа така?

Канчевска- Милевска: Јас се гордеам со сите уметници, бидејќи тие се нашите најголеми амбасадори. Имаме големо уметничко творештво,уметниците реализираа голем број проекти што се видливи, и сите граѓани треба да се гордеат со уметничкото творештво и со културното богатство и наследство со кое располага Македонија.

Но слабо создаваме нови имиња, нови дела. Зошто?

Канчевска- Милевска: Ние како Министерство за култура ги распределуваме средствата од буџетот на многу транспарентен начин. Објавуваме конкурс на кој може да учествува секој со квалитетни проекти од областа на културата од национален интерес, и апелирам да пристигнат квалитетни проекти за да може да ги одобриме и да се реализираат.

Но многу пари се потрошија за поставување на споменици, за археолошки истражувања, за изградба на театри и музеи. Зошто место да инвестираме во иднината имаме потреба да го аргументираме минатото?

Канчевска- Милевска: Добро, дали вие сметате дека Македонија не заслужува да има еден театар според сите европски стандарди и норми? Јас мислам дека заслужува.

Elizabeta Kancevska Milevska

Македонија заслужува и да има концертна сала за македонската филхармонија. Во какви услови творат тие уметници од оваа врвна институција. Сите награди и признанија што ги има добиено Македонија ги има добиено преку оваа институција. Тие уметници заслужуваат да имаат сопствен дом и нормали услови да функционираат. И мислам дека треба да се направи дистинкција околу археолошкото истражување за кое е надлежно министерството за култура и поставувањето на споменици и спомен обележја. Има посебен закон според кој надлежни за спомениците се општините и Собранието. Каква било одлука да се носи се носи во Советот на општините каде седат претставници на сите политички партии.

Како ги коментирате забелешките дека парите што се потрошија во ова кризно време можеа да се искористат во многу похумани цели, на пример за опремување на здравството?

Канчевска- Милевска: Владата, одговорно тврдам, инвестира во сите сфери. Имаме реформи и инвестиции во здравство, во образование, во животна средина, во култура, наука. Имаме квалитетна програма на Владата со конкретни проекти за кои добивме доверба од граѓаните и сега таа доверба се реализира.

Има ли државата финансиски, кадровски и технички потенцијал за филм според светските стандарди во сопствена продукција?

Канчевска- Милевска: За прв пат годинава ние имаме снимање на седум филмови. Филмската продукција бележи раст. Но ние веќе не сме надлежни за филмската дејност, има посебна институција тоа е Филмскиот фонд. Максимално се трудам да направиме реформски зафат во функционирањето на трите инститиуции надлежни за филмската дејност. Тоа покрај Филмскиот фонд, се и Вардар филм, институција со години оставена на забот на времето и Кинотека на Македонија.

Како министерка за култура имате ли чувство дека домашната уметност е загрозена од напливот на шунд од надвор?

Канчевска- Милевска: Да, шундот е доста распространет во Македонија. Ние се трудиме да прифатиме квалитетни проекти, за да се создаде добра културна клима. Сепак шундот е индивидуално гледање на работите. Ние се трудиме во насока на подигнување на свеста за значењето на културата“

Македонија е на силен удар на пиратеријата. Како ги заштитувате домашните уметници од оваа појава?

Канчевска- Милевска: Министертвото за култура е надлежно во делот на авторските права. Во делот на пиратеријата не може само министерството да делува во таа насока. Потребно е системски да се пријде на ова прашање. Тука треба да се вклучат повеќе инститиции, Царинската управа, МВР, пазарниот инспекторат. Веќе е формирано специјално коориднативно тело. Ние како министерство сме во завршна фаза на изработка на нов закон за заштита на авторските права и сродно право кој ги штити интересите на авторот“.

Дали македонските уметници се доволно присутни на светските сцени?

Канчевска- Милевска: Да. Ние како министерство даваме голема поддршка за промоција на наши уметници на големи настани. За прв пат на достоинствен и репрезентативен начин се претставивме на Саемот на книга во Франкфурт. Годинава потпишавме спогодби за културна соработка со повеќе од 15 држави.

Се вели дека уметноста е духовна храна но од уметност во Македонија не може да се живее? Ќе успеете ли во вашиот мандат да и го вратите достоинството на уметничката фела?

Канчевска- Милевска: Ние максимално се трудиме со неколку категории да го кренеме достоинството на уметникот. Преку зголемување на платите во театарската дејност, преку категоријата самостојни уметници, потоа категоријата национален уметник предвидена во новиот закон. Тоа значи дека уметникот по заминување во пензија ако таа е пониска од просечната, ќе ја добива разликата на сметка на државата, бидејќи се случува врвни уметници кои оставиле значаен белег за државата да имаат многу мали пензии.

Автор: Горан Петревски

Редактор: Симе недевски